Морати сака да го врати Пандев!
Македонскиот најдобар фудбалер Горан Пандев и натаму ја разбранува фудбалската јавност во Италија, но и во Европа околу неговата фудбалска иднина. Неговиот договор со Лацио му истекува во 2010, а иако претседателот Лотито најави дека Пандев ќе остане, сепак, нема конкретни чекори околу продолжувањето на договорот. Медиумите во Италија објавуваат вест дека двата фудбалски гиганта Интер и Јувентус ќе водат битка за услугите на најдобриот играч на Лацио.
"Доколку Пандев не го продолжи договорот со Лацио, тогаш Интер и Јуве ќе влезат во отворена 'војна' за неговите услуги", е истакнато во тамошните медиуми.
Ваквата варијанта и интересот од страна на Интер и Јуве за Пандев медиумите ја поткрепуваат со тоа што нашиот фудбалер се уште не го продолжил договорот со Лацио и дека "бјанкочелестите" не можат да ги исполнат барањата на напаѓачот околу условите за новиот договор. Според тамошните медиуми, Лацио полека го губи Пандев бидејќи не може да излезе на крај со понудите и интересот на големите фудбалски клубови, па поради тоа се повеќе се врти кон откупувањето на договорот на Мауро Зарате од арапскиот тим Ал - Саад во чија сопственост е овој фудбалер. Токму поради тоа Пандев во последно време е запоставен и преговорите околу новиот договор "тапкаат" во место.
И Интер и Јувентус ќе имаат или, пак, имаат голема конкуренција. Уште од поодамна речиси сите медиуми во Европа набројаа многу фудбалски гиганти кои го посакуваат Пандев. Валенсија, Челзи, Арсенал, Реал Мадрид, Фиорентина, Ливерпул, Зенит, Баер Минхен се клубовите кои се поврзуваа со името на Горан Пандев како негова следна дестинација.