Како сте европски шампиони? Подготвени да станеме и светски шампиони?
На крај, можеме да сме задоволни со сезоната - долга сезона со многу подеми и падови, со фантастичен почеток, па со навистина голем пад на полусезоната, кој траеше се до крајот на април. Потоа машината се вклучи и со победа над Фулам започна нашето враќање во сезоната. Со скор од 8 победи и само 1 изгубена во последните 9 натпревари од сезоната, успеавме да дојдеме до четвртото место во Премиер Лигата и до европски трофеј.
Ако мене ме прашувате, ова е сосема добра и успешна сезона ако ги земеме предвид сите работи што се случуваа пред и во текот на сезоната. Можеме да ја направиме сезоната уште поуспешна доколку успееме да го освоиме и светското првенство. Вака нешто и прогнозирав пред да почне сезоната, топ 4 и макар освојување на таа Конференциска Лига. Можеби фалеше поголема борба во домашните купови, ама тоа не е ни толку битно. Се на се, јас сум задоволен од сезоната.
Каиседо, дефинитивно играч на сезоната, новиот Канте што нема граница во фудбалскиот свет, еден од најдобрите играчи од средниот ред во светот. Братот е направен од челик, може комотно да игра по 3 утакмици на ден, игра без топка, игра со топка, одбрана, напад, секаде го има на теренот, тежок ѕвер. Онаа повреда што му се случи против Бенфика во ~20 минута, и да се врати толку брзо и некој да ги изигра сите 120 минути и притоа да освои награда за играч на мечот, не сум видел ништо такво во последно време. 38/38.
Енцо Фернандез, многу подценет играч и тука на форумот, а и од останатите навивачи на клубот. Одлична сезона зад него, мислам дека моментално е на 25 г/а и тоа без асален напаѓач пред него. Сега гледаме на Светското дека гради добра конекција и со Педро и со Делап, со тоа сигурно и асистенциите ќе растат, а зошто да не и головите. Гине за клубот и за дресот и заслужена капитенска трака кога не игра Џејмс. Фантастичен играч со светла иднина.
Палмер, во првиот дел од сезоната изгледаше како Палмер од минатата сезона, фантастично играше, а потоа му се случи драстичен пад во формата, а со него падна и целиот тим на Челзи. Играч за големи натпревари, се поправи на крајот на сезоната и фати форма за најбитните утакмици од сезоната, поготово во финалето од КЛ, каде он беше диригентот и не врати во игра со 2 асистенции.
Кукурела, од крајот на 2023/24 сезоната влезе во добра форма и оттогаш формата го нема пуштено. Изгази и на европското првенство минатото лето, а и оваа цела сезона ја изгази. Во оваа сезона успеа и да додаде голови во својата игра, што е голем плус. Некои од овие голови ни беа од голема важност. Изгледа Мареска му најде перфектна улога во неговиот систем. Топ 3 леви бекови во светот.
Колвил/Џејмс, и двајцата се деца на клубот и играат со голема страст. Мислам дека оваа сезона Колвил доста созреа како играч и имаше сосема солидна сезона. Сè уште е млад и знае понекогаш да се изглупира, ама океј, се случува баш заради тоа што е млад и нема доволно искуство, а за неговата позиција доста е битно искуството и неговиот полн потенцијал допрва треба да се види. Му фали некој сигурен и константен партнер со кој ќе играат постојано заедно. Џејмс со ограничена минутажа се покажа одлично. Што да се каже за капитенот кој секогаш игра на ниво и е прав лидер на тимот? За жал, повредите завземаа голем дел во неговата досегашна кариера и не оставија без многу натпревари во кои ќе уживавме во неговата мајсторија. Изгледа дека Мареска добро го организираше неговото враќање и дека сега тие повреди ќе останат во минатото.
Тоа би биле моите топ 5 играчи на Челзи за 2024/25 сезона. Би му дал предност на Колвил пред Џејмс поради константноста во играње. Имаа и други играчи свои блесоци во сезоната, ама мислам генерално и најреално гледано овие петмина се сигурни на првите пет позиции. Се двоумев помеѓу Палмер и Кукурела кој да ставам на третото место, па на крај одлучив вака.
Мареска, Мареска, многу тврдоглав тренер, понекогаш навистина донесува лоши одлуки, како на пример форсирањето на Густо да игра на позиции кои очигледно не му лежат на неговиот стил на игра. Понекогаш изгледа како еднодимензионален тренер и упорно пробува работи кои се невозможни. Се надевам сега ќе ја склопи целосно екипата по негова мерка и во следната сезона нема да се глупира многу.
Солидни трансфери направија, за нив не би одолговлекувал многу сега, би чекал да завршиме со пазарење па тогаш. Исто така, очекувам и доста продажби, па би искоментирал кога би бил спремен тимот за наредната сезона. Се очекуваат уште 2 нови засилувања минимум, најверојатно еден одбранбен и уште еден напаѓач. Доколку би успеале некако да го донесеме Бастони и Кудус/Роџерс, тоа би било бомба трансфер рок 10/10.
KTBFFH