Историја на Брегалница
Брегалница од Штип е еден од најсгтарите клубови во Македонија, формиран во далечната 1921 година. Покрај Вардар, Тетекс, Победа, Куманово, МИК, Пелистер, тиквеш, Беласица, Балкан и скопски Металург има играно од 1964 па се до 1990 година, со мали прекини во Втората лига на Југославија. Речиси и нема вид на натпревари во Македонија во кој нема настапувано Брегалница почнувајќи од Штипски потсојуз, Четврта зона, Втора лига на Македонија, едно време играше и во Т ретата лига - исток, во Првата лига каде и денес настапува. Првиот официјален натпревар Брегалница по своето формирање 1921 година го има одиграно против Тимот Југовиќ забележувајќи победа од 2:1. Во Штип во изминатите години на кормилото на Брегалница биле познати тренери почнувајќи од Владимир Беара, Петар Пуриќ, Љубиша Арсеновиќ, Кирил Дојчиновски, Кочо Димитровски, Мирко Наџаков, потоа и нејзините поранешни фудбалери Стојан Арсов, Драган Христовски, Никола Хаџиев, Гордан Здравков... За првпат Брегалница стана член на Првата лига на Македонија во сезоната 1950/51 кога го освои петтото место во конкуренција на 12 клубови. Брегалница со успех играше повеќе години во Втората лига на Југославија. за првпат во сезонагта 1963/64 година по одиграните две квалификациони средби со Титоград. Во Штип беше 1:0 за Брегалница, во Подгорица 1:0 за титоград така што мораше да се изведуваат пенали. Јунак на тој меч беше голманот на Брегалница Ефремов кој одбрани три удари од белата точка и штипјаните станаа членови на Втората лига.
Денес во нашата постојана рубрика "Слики во времето" ќе го претставиме тимот на Брегалница од 1964 година кога играше во Втората лига на поранешна Југославија.
1. Петар Пуриќ, еден од најуспешните тренери на Брегалница. Во Штип дојде во 1958 година и се до својата смрт остана во градот под Исарот.
2.Никола Хаџиев, капитен на екипата, еден од најдобрите играчи. Подоцна од 1979 па се до 1988 година тренер на тимот.
3. Симеон Ефремов, меѓу најдобрите голмани кој бил на голот на Брегалница. Покрај за Брегалница долги години има брането за Бор, за ОФК Београд и во Грција. Денес е тренер. Работел и во Тунис.
4. Кире Иванов, десен бек. Во својата кариера играл само за Брегалница.
5. Коце Манушев - Руфе, лев бек, почна и кариерата ја заврши во Брегалница.
6. Стојан Арсов, едно од најпознатите фудбалски имиња во Брегалница. Центархалф, столб на одбраната. Играше и за прилепска Победа. Беше и тренер на Брегалница, едно време и член на Стручниот штаб на Силекс од Кратово. Беше избран меѓу единаесетмината фудбалери на векот на Брегалница. Има напишано автобиографска книга "Џали°.
7. Мирко Ципушев, покрај за Брегалница настапувал и за Плачковица.
8. Ѓорѓи Желев, еден од фудбалерите кој целиот свој фудбалски век го има минато носејќи го дресот на Брегалница.
9. Благој Ашиков, во Брегалница дојде од Беласица. Голгетер, еден од најдобрите напаѓачи. Починат е.
10. Јордан Ражанков по завршувањето на кариерата како фудбалер во Брегалница беше тренер на Рудар, Слога од Виница, Силекс...
11. Гордош Иштван љубителите на фудбалот го паметат во неговите решавачки голови. Од Штип замина за Сомбор, каде остана да живее.
12. Војче Спасовски, легенда за охридскиот фудбал, кој едно време го носеше дресот на Брегалница. Лево крило, извонреден играч, вистински голгетер. По завршувањето на кариерата се посвети на тренерскиот позив во својот Охрид.