Utrinski vesnik
Почнувајќи од 1 јули оваа година, па во наредните шест месеци, судовите ќе треба да се растоварат од близу половина милион извршни предмети, што треба да преминат во рацете на нотарите и на извршителите. На тој начин судовите ќе можат да се занимаваат со она што е навистина судска надлежност, а тоа е решавање на стопански и на граѓански предмети и нема повеќе да ја извршуваат улогата на „наплатни пунктови“.
Од вкупната бројка што изнесува 489.000 извршни предмети, дури 300.000 предмети лежат само на контото на скопска „двојка“, која по ослободувањето од овие предмети очекува, конечно, да стане ажурен и ефикасен суд. Најголем број се тужби за неплатени сметки за комуналните и јавните претпријатија - ЕВН, „Водовод“, „Топлификација“, МРТВ..., а само оние од „Електростопанство“ се над 180.000. ЕВН за секоја неплатена сметка поднесува посебна тужба, па едно приватно лице или фирма како тужена страна може да се јави во 12 предмети годишно. Има должници што не плаќале сметки и по 15 години и повеќе.
По две одложувања, Министерството за правда е решено целосно да ја спроведе оваа сложена операција, за која подготовките веќе се во тек, а се подготвува и голема медиумска кампања.
Претседателот на скопскиот граѓански суд, Бекир Шаини, не крие дека е задоволен од она што се најавува, бидејќи тука ја гледа шансата најголемиот суд во државата да почне нормално да функционира и да се посвети на чисто судските предмети.
„Направивме акционен план како ќе се одвива трансферот и веруваме дека ќе се спроведе без никакви проблеми. Евидентирани се предметите и направен е попис на сите списи. Предметите ги имаме и во електронска форма со сите спроведени извршни дејства“, нагласува Шаини. Тој вели дека правосилните судски извршни пресуди ќе им бидат доставени на извршителите, а неправосилните на нотарите. Доверителите ќе имаат рок од шест месеци да се произнесат пред судот кај кој овластен извршител за тоа подрачје ќе сакаат да им бидат пренесени предметите на натамошно постапување. Предавањето на неправосилните предмети на нотарите нема да биде по избор, туку ќе бидат распоредувани по азбучен ред. Спорните предмети ќе се вратат во судот, но се очекува таа бројка да не биде многу голема.
Најголемиот товар треба да го понесат нотарите. „Нотарите од Нова година наваму се подготвуваат за трансферот на извршни предмети и за таа цел се организирани многу семинари и советувања“, вели Златко Николовски, претседател на Нотарската комора на Македонија. Тој вели дека интензивно се преговара со Македонски пошти за да се види дали нивната служба има капацитет брзо и точно да ги доставува поканите до странките. На доставувањето на поканите досега работеа и судските доставувачи, кои сега ќе бидат ослободени од овој вид обврски и ќе останат на располагање на судовите за останатите предмети.
„Од 1 јули судовите повеќе нема да примаат предмети што се однесуваат на донесување решенија на веродостојни исправи, бидејќи тоа ќе биде работа на нотарите. Настојуваме нашите услуги утврдени со тарифникот да бидат во висина на она што и досега се наплатуваше како судска такса во судовите. Максималната судска такса изнесуваше околу 300 евра“, истакнува првиот човек на Комората.
Наместо судовите, нотарите ќе бидат тие што ќе издаваат решенија по оваа законска основа, а по истекот на рокот од осум дена во кој должникот не успеал да го плати износот, предметот добива печат за извршност и им се предава на доверителите, кои, пак, натаму ги ангажираат извршителите за да го наплатат долгот. Таму каде што должниците ќе поднесат приговори, предметите се враќаат во основниот суд и се отвора постапка.
Во моментов во Македонија работат 161 нотар, од кои 59 во Скопје, а во тек е конкурс за избор на уште 22 нови нотарски места.
Се чини појасна е состојбата кај извршителите, кои зад себе веќе имаат искуство од пет години. Откако почна да се применува Законот за извршители до нив се поднесени вкупно 153.000 барања, од кои 74.000 веќе се извршени. Процентот на извршени предмети секоја година се зголемува, а се проценува дека за овој релативно кус период, извршителите успеале да наплатат близу 268 милиони евра. Само во 2009 година тој износ достигнал околу 78 милиони евра, а само за првите три месеци од оваа година извршителите успеале да наплатат 34 милиони евра.
Доколку до 2006 година на извршните предмети работеле само четириесетина судии во цела држава, сега покрај 76 извршители (од кои 27 се во Скопје) се ангажирани околу 350 луѓе.
Претседателот на Комората на извршители на Македонија, Антонио Коштанов, тврди дека се подготвени за прифаќање на извршните предмети.
„Имаме капацитети за прифаќање на овие предмети, сметаме дека тие многу побрзо и поефикасно ќе бидат реализирани отколку во судовите. Постојат канцеларии на извршители во кои работат и по 20 луѓе и кои може полесно да се мобилизираат“, оценува Коштанов. Мали проблеми очекуваат со старите предмети што подолго време не се завршени, а доверителите или должниците го смениле правниот статус или не постојат.