МОН: „Еуроколеџ“ од Куманово и „Еуроколеџ 2007“ од Струга немаат акредитација за висо
Nekoj mi dolzi castenje pivo.
МОН: „Еуроколеџ“ од Куманово и „Еуроколеџ 2007“ од Струга немаат акредитација за високообразовна дејност
Скопје, 26 јули (МИА) - Државниот просветен инспекторат утврдил дека приватните институции „Еуроколеџ“ од Куманово и „Еуроколеџ 2007“ од Струга запишувале студенти во прва година за учебната 2007/2008, иако не се акредитирани, немаат согласност од Владата и решение за почеток со работа.
На „Еуроколеџ“ во Куманово имало запишани 115 студенти од прва, втора и трета година, заклучно со 2006/2007 година, а во прва година за 2007/2008 пријавени биле 20 студенти. „Еуроколеџот 2007“ од Струга, пак, за 2007/2008 распишал конкурс за прием на вкупно 180 студенти на три факултети.
- На двете институции им е укажано дека не можат да извршуваат високообразовна дејност, а се поднесени барања до Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и Управата за јавни приходи за преземање активности во нивна надлежност за да спречат нивно натамошно незаконско работење, рече министерот за образование и наука Сулејман Рушити на денешната прес-конференција.
- Не се работи за фаворизирање на едни државни или приватни високообразовни институции на сметка на други. Постојат закони кои важат за сите и треба да се почитуваат. Намерата е со преземање вакви конкретни чекори еднаш за секогаш да се стави ред во функционирањето на приватните високообразовни институции, зашто и покрај апелирањето на Министерството до родителите и студентите да внимаваат да не се запишуваат на неакредитирани и нерегистрирани институции, сепак, дел од нив на сопствен ризик, а како резултат на привлечните кампањи влегуваат во ситуација во која ја ставаат под прашање валидноста на стекнатото знаење, притоа давајќи не мали средства за стекнување дипломи, додаде Рушити. За студентите кои се запишале на овие две неакредитирани институции Министерството ќе формира работна група за решавање на проблемот.
Министерството за образование и наука соопшти дека на четирите државни универзитети во Македонија во 2007/2008 година во првиот уписен рок примени се вкупно 11.365 студенти. За вториот уписен рок во државната квота остануваат 2.809 слободни места, 3.459 во квотата со кофинансирање и 1.730 слободни места за вонредни студенти. На Правниот факултет на Скопски универзитет е констатирано пречекорување во квотата со кофинансирање и наместо предвидените 250 студенти примени се 579 кандидати. Државниот просветен инспекторат треба да изврши увид на Факултетот, да ја констатира состојбата и потоа да донесе соодветно решение согласно со Законот за државниот просветен инспекторат.
МОН соопшти дека од вчера до 15 август трае рокот на електронско аплицирање за легло во студентските домови, што е воведено првпат годинава со цел да се елиминира човечкиот фактор и да се избегнат сите неправилности и недоследности во одлучувањето за сместување на студентите. На овој начин се заштедуваат и средства за формулари и за патни трошоци зашто кандидатот е информиран по електронски пат.
Министерот Рушити информираше и за иницијатива што Министерството за образование и наука ја доставило до Владата за основање театарски фестивал на учениците во средните училишта, со намера да ја збогати воспитно-образовната дејност, да ги одврати младите од пороци, насилство и девијантни појави и да го исполни креативно нивното слободно време. Замислата е на фестивалот да учествуваат средношколци од сите училишта во Република Македонија, тој да се одржува во различни градови, а во соработка со Министерството за култура да бидат избирани десет најдобри претстави.