„Експериментот Филаделфија“ (исто така познат и како „Project Rainbow“) бил таен проект на американската морнарица за време на Втората Светска Војна (проектот започнал уште во 1938г.), изведен во военото бродоградилиште во Филаделфија. Целта на експериментот била, бродот разурнувач USS Eldridge да се направи невидлив за одредено време. Во проектот биле вклучени тогашните најголеми научници, меѓу кои и Никола Тесла, Џон Фон Нојман и Алберт Ајнштајн.
Експериментот се базирал на еден вид на Ајнштајновата општа теорија на релативитет, со што би се овозможило, со користење на големи електрични генератори да се смени правецот на светлината околу објектот и тој да стане невидлив. Морнарицата го сметала ова од исклучителна важност и го спонзорирала истражувањето.
Во 1940 година извршен е тест во военото бродоградилиште во Бруклин со мало пловило без посада, кое добивало енергија од другите бродови преку кабли. Во 1941 година истото е направено и со Елдриџ, чија градба била при крај во бродоградилиштето. Биле изведени дополнителни работи, така што навои од жица го обвиткувале целиот брод, а калеми биле поставени на палубата на самиот брод. Со напредувањето на проектот, се зголемувал јазот меѓу Тесла и Нојман. Имено, Тесла сакал експериментот со бродот да се изведе без посада, бидејќи знаел дека силното електромагнетно поле ќе има разорни ефекти врз луѓето, додека Нојман бил против тоа да се губи време. Како и да е, Тесла почнал да го саботира експериментот и до конечно разидување дошло во март 1942 кога Тесла се повлекува од проектот, со што Нојман станува негов директор. Тестовите започнуваат додека бродот бил на сувиот док, во јули 1942. На 20 јули 1943 стигнала наредба да се почне со конечните експерименти. Вклучени се уредите и резултат бил скоро потполна невидливост. Очевидците регистрирале како на неговото место се појавува зеленкаста магла. По престанокот на работа на генераторите, луѓето биле во физички и психички шок. Кога бродот повторно се појавил, некои од морнарите се нашле „вградени“ сеуште живи во трупот од бродот, вклучувајќи и еден морнар кој се нашол едно ниво од палубата подолу отколку што на почетокот се наоѓал и неговата рака била впиена во челичниот труп од бродот. Нојман барал да се одложи експериментот за да се најде право решение за заштита на луѓето, но бил одбиен. На 12 август стига наредба да се изведе експериментот во полна сила. Експериментот е повторен на 28 октомври 1943. Овојпат, Елдриџ не само што станал невидлив, туку и физички исчезнал од лице-место во блесок на сина светлина и бил телепортиран во близина на Норфолк, Вирџинија, што е преку 200 милји подалеку. Таму, извесно време бил набљудуван од посадата на
SS Andrew Furuseth, по што исчезнал од нивниот видик и повторно се појавил на почетното место во Филаделфија. Исто така, се смета дека бродот патувал 10 секунди назад во времето. Екипажот претрпува пропратни последици, како што се спојување со трупот од бродот, ментални пореметувања, додека другите едноставно исчезнале. Од вкупно 181 член на екипажот (176 морнари и 5 цивили), само 21 преживеале, 40 биле најдени мртви, а 120 едноставно исчезнале и никогаш не биле пронајдени.
Според грчкиот истражувач со кодно име George, бродот USS Eldridge сега се наоѓа во грчката морнарица под името Leon. Овој брод и’ бил доделен на Грција од страна на воената морнарица на САД кон крајот на 40-тите години, а за да се скријат трагите било сменето неговото име. Грчката морнарица освен овој, земала уште три брода од истата класа (Bostwick). Leon заедно со уште еден брод влегуваат во резервен состав. Истражувачот успеал три пати да стапне на Leon и забележал дека има голем број на електрични водови кои не водат никаде, а не е познато ни од кое место тргнуваат. Тој успеал да направи интервју со командантот и првиот инжењер. Командантот вели дека прва чудна работа со која се сретнал на бродот е бродскиот дневник од кој биле скинати неколку страни, со датум близок на филаделфискиот експеримент и на кои им се губи траг. Според датумите на претходните страни, тие листови биле скинати во Америка. Исто така, во интервјуто велат дека досега не се сретнале со посебни мистериозни случки, освен честото исчезнување на приватни предмети на екипажот и нивно повторно појавување на друго место. Низ екипажот се шират приказни за бродски духови кои минувале низ металните ѕидови и зеленкаста светлина која го опкружува целиот брод длабоко во ноќта. Забележана е и чудна вибрација која постои на целиот брод дури и кога се’ е исклучено.
--- надополнето ---