Губат семејства сакајќи да добијат облог
Во канџите на измамници што преку интернет нудат помош за сигурна добивка се заробени мажи, жени и цели семејства, а некои од нив изгубиле станови, коли и друг имот

Обложувањето е своевидно коцкање, а коцкањето е вид зависност, велат психијатрите
Се откажа од семејството, а се плашам дека може да се откаже и од животот, загрижено раскажува кавадарчанка за сопругот, кој бил опседнат со спортско обложување. Слични се и другите приказни за луѓето што имаат желба да се збогатат брзо. Тие земаат позајмици и кредити за да уплатат во обложувалница, а со тоа тонат во уште поголеми долгови. Нивната несреќа ја користат измамници, кои преку интернет, за соодветен паричен надомест, нудат „помош за сигурна добивка“.
- Ниту децата го интересираат ниту јас. Студен е, нервозен, постојано вика... Збеснува кога губи и се заканува со ќотек. Се крсти пред икони, пали свеќи в црква... Се откажа од семејството, од пријателите, а се плашам дека може да се откаже и од животот ако не може да ја поднесе загубата - раскажува загрижената сопруга. Познавачите велат дека во канџите на желбата за голема добивка се и девојки, жени и цели семејства, а некои од нив изгубиле станови, коли и друг имот.
- Обложувањето сосема го смени брат ми. Не излегува од дома, постојано дреме пред компјутер и чека дојава како да игра. Постојано губи, но и понатаму е упорен и заглавува уште повеќе. Позајмува пари за да уплати, зема кредити, соголен е до гола кожа. И на крај дома во сите нас гледа малер - раскажува загрижен гевгеличанец. Сите соговорници велат дека се' почнало како хоби, а потоа прераснало во страст, која носи кавги, долгови, семејно насилство и разводи.
ИЗМАМНИЦИ НУДАТ ПОМОШ НА ИНТЕРНЕТ
Нивната несреќа ја користат измамници, кои преку интернет нудат помош и сигурни добивки. Еден таков дојавувач е и Спахиќ. Во интернет-контактите со македонските обложувачи се претставувал како Грк, а комуницира на српски јазик. Неговото име се пренесува од обложувач на обложувач, а се стапувало во врска преку интернет. Тој што сака да добие дојава за тоа на кој натпревар да вложи, треба најпрвин да уплати на посебна жиро-сметка. Дури потоа ќе добие информација на мејл или на мобилен телефон на кој натпревар да типува. Ова е шемата што ни ја откриваат нашите соговорници. Тие објаснуваат дека секој тип има своја цена, а постоеле „инсајдер“, „суперинсајдер“, „експерт“, „спешл“, „суперспешл“ и „ВИП-спешл“ тип. Цената за нив била од 100 евра нагоре, дури и над 10.000 евра.
Обложувачите не сакаат јавно да зборуваат за својот порок. Но, членови на нивните семејства потврдуваат дека дојавите најчесто биле утка. Тие велат оти имало повеќе измамници како Спахиќ и интерне-страници на кои обложувачите очајнички барале помош и слепо верувале во дојавите. Ве молам помогнете, многу потонав - моли обложувач од Виница за дојава преку мејл. Неговите родители велат синот им е во була, но не се свестува дека стигнал до просјачки стап, па и понатаму бара дојавувачи и се задолжува, надевајќи се за добивката на својот живот. Дојавувачите кои се претставуваат како видовити и експерти, најчесто се измамници.
- Тоа е само лесен начин да се заработи. Некој се сетил како да профитира од зависниците од спортска прогноза. Има само три начини да заврши еден натпревар: победа, пораз или нерешено. Дојавувачот сигурно ќе им погоди на некои од клиентите и ќе заработи реклама. Следниот пат истите пак ќе му уплатат за дојавата, а ќе има и нови жртви, кои прв пат ќе си ја пробаат среќата со него - велат нашите соговорници.
УЖИВАЊЕ КАКО ВО СЕКСОТ
Обложувањето е своевидно коцкање, а коцкањето е вид зависност како алкохолот и дрогата, вели невропсихијатарот професор д-р Витомир Мицев. Тој додава дека коцкањето со разумни суми е игра, а патолошкото коцкање создава личности што не водат сметка за последиците.
- Тие се кријат зад идејата за голем ќар, со кој ќе ги вратат претходно изгубените суми и ќе станат богати. Неретко губат се' што имаат и завршуваат како измамници, фалсификатори и извршители на други криминални дејства - објаснува Мицев. Според него, ваква зараза може да им се случи на луѓе што минуваат низ стресни ситуации, на депресивци и слично.
- Но, тоа се случува и во семејства во кои децата се сведоци на коцкарските сеанси на родителите - додава тој. Зависноста се разгорува во кризни општествени периоди каков што е долгиот период на транзиција кај нас. Човечката потреба за моќ е секогаш присутна и се врзува за пари, а надежта дека утре ќе се биде богат никогаш не згаснува кај коцкарите и тие тонат во сопствениот порок.
- Чудни и интензивни доживувања има кај коцкарот во периодот на исчекување. Тоа се моменти полни со возбуда. Некои го споредуваат тоа со сексуалното задоволство - вели невропсихијатарот Мицев. Тој предупредува дека коцкањето најчесто завршува со лични или со семејни трагедии.
- Познавам луѓе што го допреа дното токму поради таа страст - вели Мицев и додава дека лекувањето на зависноста не е едноставно.
Тој препорачува превентивно да се влијае бидејќи порокот во раната фаза може успешно да се излекува со индивидуална или со групна психотерапија. Препорака е сите што имаат вакви проблеми да се јават на психолог или психијатар.
ИНФО-Погубна желба за добивка
Обложувањето почнува како хоби и прераснува во страст, тврдат повеќе членови на семејства во кои оваа зависност донесла кавги, долгови, семејно насилство и разводи. Зависниците од обложување во очај земаат позајмици и кредити, а со тоа тонат во уште поголеми долгови. Нивната несреќа ја користат интернет-измамници, кои се претставуваат како видовити или експерти и за соодветна парична помош им „потшепнуваат“ како да типуваат за „сигурна добивка“.
извор
===========================================
колку е реален текстов погоре и колку луѓе влегуваат во лавиринтот на спортските обложувалници и губат се што имале...?
знаете ли примери, сте влегле ли и вие во овој круг, до каде сте стигнале...?