H
Hip.Hop_MKD
Гостин
Е.У. враќа македонска храна зачинета со хемикалии
Европскиот систем за брзо предупредување РАСФФ известил за голем број случаи на опасна храна од Македонија, главно присуство на хемикалии и на пестициди во овошје и во зеленчук, додека домашните анализи не покажале ниту еден неисправен примерок

Она што се додава во храната и во водата е многу поопасно од цигарите, рекол Алекс Џонс, светски познат нутриционист. И несомнено бил во право.
Живи организми и алги во вода за пиење, леб со боја и глутен, риба со арсен и жива, цинк во јајца, песок во прехранбена сол, забранета психоактивна супстанција сибутрамин во кафе, пченица со олово и тешки метали, кадмиум во зеленчук, овошје со пестициди, мувла во прашок за пудинг, бубачки во брашно, влакна во храна... Сето ова завршува во нашите порции и несвесно го јадеме. Листата на ризични производи и поплаки од македонските граѓани е долга и широка.
Отровите нѐ демнат со секој залак, а хемијата едноставно царува на нашите трпези. Од можните ризици не е поштеден никој, бидејќи во трката за поголем профит најмногу страда здравјето. Според процените на Светската здравствена организација, две третини од вкупниот број смртни случаи во светот (36 милиони смртни случаи годишно) се резултат на неинфективните болести за чија појава, покрај алкохолот и пушењето, се посочува токму лошата и небезбедна исхрана.
Најризични овошјето и зеленчукот
Пораст на канцерогените заболувања е евидентен и кај нас. Научните сознанија потврдуваат дека за предизвикување рак доволна е и само една молекула од некоја опасна супстанција. Во Македонија особено ризични од аспект на хемиска контаминација се овошјето и зеленчукот од зелените пазари што се консумираат свежи и во непреработена состојба. Тоа е и причината што токму тие се влезени на листата на опасни производи од Македонија што ја подготвува Системот за брзо интервенирање во рамките на Европската агенција за безбедност на храната. Истражувајќи ја темата за злоупотреби во храна откривме изненадувачки, досега необјавени, податоци за редица случаи на опасна храна од Македонија на која не ѝ бил дозволен влез во ЕУ, или, пак, земјите-членки биле предупредени на опасноста од ваквата храна. Станува збор за големи количества најразлични производи повлечени од пазарот на ЕУ и вратени во државата. Последниот случај е од пред само два месеца, во март годинава. Се работи за кроасани и пекарски продукти во кои е пронајдено недозволено присуство на Е 210-бензоеска киселина. Претходно евидентираните случаи од страна на РАССФ (Европски систем за брзо интервенирање) за ризична храна од Македонија се однесуваат на недозволено присуство на органофосфатни пестициди во чај од камилица, опасна содржина на omethoate и dimethoate во јаболка, dimethoate во краставици, methomyl во зелени пиперки, опасна супстанција procymidone во грозје, присуство на бактеријата Bacillus cereus enterotoxigenic во сушени печурки, висока содржина на нитрати во свежа зелка итн.
Најмногу аларми од Грција и од Словенија
Дознаваме дека досега најмногу предупредувања и објави за сомнителна храна од Македонија има од Словенија и од Грција, по кои следуваат Кипар, Италија, Германија, Бугарија и други земји. Во однос на безбедноста на храната нашата држава сепак не е во друштво со Индија, Турција, Кина, Бангладеш, Украина и Иран, кои се рангирани како најризични и најопасни држави во однос на храната. Според експертите, ваквите показатели од Европската Унија за нашата храна се вознемирувачки и итно треба да се преземат мерки.
- Системот за рапидно алармирање во Европската Унија за храна и сточна храна е наменет секоја земја или секоја организација надлежна за контрола на прехранбените производи да реагира соодветно на сѐ што се увезува или се тргува во рамките на Европската Унија. Голем дел производи во Македонија, без оглед дали станува збор за растително или за животинско производство, се веќе означени во овој систем какви се - дека се недекларирани соодветно, воопшто недекларирани или вратени поради тоа што содржат состојки што не смее да ги има внатре. Тоа дава лоша слика не само за компаниите и за контролните власти туку и за целата прехранбена индустрија во Македонија, што итно мора да се поправи - вели проф. д-р Владимир Какуринов од консалтинг и тренинг-центар „Клуч“.
Тој препорачува и воведување соодветен систем за контрола, правилно информирање на потрошувачите и декларирање на производите.
Звучи изненадувачки, но наспроти посочените предупредувања на европските органи, анализите на домашните институции не откриле опасно присуство на пестициди во храната. Во Институтот за јавно здравје, од вкупно 8.667 испитувани групи, параметри за пестициди во храната во Македонија во 2010-та не бил откриен ниту еден неисправен примерок. Слични се резултатите и за минатата година, за која конечниот извештај сѐ уште не е усвоен. Нула неисправни параметри има и за присуство на антибиотици и радионуклеиди. Во Европската Унија, пак, во 2011 година имало 1.860 објави за отфрлање од граница прехранбени производи поради небезбедност и здравствен ризик, што претставува зголемување од 17,8 проценти во однос на претходната година. Во Европа лани се евидентирани и 3.812 предупредувања за сомнителни производи, од кои најголем дел се однесуваат на остатоци од пестициди. И додека Европа бележи зголемување, анализите кај нас покажуваат нула присуство на пестициди во храна?! Можеби причината треба да се бара и во тоа што кај нас сѐ уште се анализираат пестициди што во светот се одамна забранети? Органохлорните пестициди се исфрлени од употреба, но кај нас тие и понатаму се вклучени во испитувањата.
Од Институтот за јавно здравје потврдуваат дека органохлорните пестициди се забранети за употреба во повеќето земји во светот, но нивните остатоци сѐ уште се испитуваат во храната затоа што оваа група хемиски супстанции се карактеризира со перзистентност и биоакумулација.
- Тоа значи дека тешко се разградуваат, опстојуваат долги години во животната средина и во живите организми, се акумулираат во повисоките родови на живите организми и се биоакумулираат. Затоа постои оправданост овие пестициди сѐ уште да се тестираат - вели Гордана Ристовска од Институтот за јавно здравје на РМ.
Од друга страна, агрономите што работат во земјоделските аптеки се едногласни во оцената дека свесноста на земјоделците кога станува збор за третирање со препарати и хемиска безбедност на храната е на многу ниско ниво и тие воопшто не се запознаени ниту што бараат, ниту што користат.
- Ова се должи на две причини - прво, со земјоделство најчесто се занимаваат лица со ниско ниво на образование и, второ, економскиот профит најмногу ги интересира. Никој ниту почитува ниту пак следи каренца (потребно време од прскање до јадење), а не го интересира ниту колку е силен отровот што го користи. Ќе им кажеш едно капаче, ама тие ставаат пола чаша од препаратот - „за секоја сигурност“, зашто мислат дека така ќе го спасат и зголемат родот. Има и препарати што се забранети и сѐ уште се набавуваат по разни канали бидејќи земјоделците ги бараат и им веруваат само на нив. Најчест случај за тоа е „Галатион“, земјишен инсектицид што е забранет кај нас, но земјоделците сѐ уште многу го бараат. Тој е дозволен за употреба во Србија и се шверцува по разни канали и тука - велат нашите соговорници упатени во бизнисот со препарати.
Двојни пластеници
Нашите сознанија од терен само ги потврдуваат ваквите информации. Во неколку региони од државата сретнавме индивидуални производители што имаат посебни пластеници со зеленчук, еден за нивна употреба во кој не прскаат, додека другите им се за продажба и таму се третира со сѐ и сешто. Повеќето од земјоделските производители со кои контактиравме воопшто не чуле за Глобал гап, меѓународен стандард со кој се гарантира дека храната е произведена според највисоките стандарди и безбедна од опасни хемикалии и други состојки. И во Министерството за земјоделство не се води евиденција дали и колку од земјоделците во државата работат и се придржуваат кон Глобал гап.
- Тоа е приватен доброволен пазарен стандард што не е поврзан со добивање на субвенциите. Бидејќи е доброволен, не можеме да ги натераме земјоделците да го користат, бидејќи тоа се дополнителни трошоци за нив, иако од друга страна, пак, примената на ваквиот стандард би била значајна за нив за подобар пласман - вели Тања Михајловска, одговорна за односи со јавноста.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство потврдуваат дека од годинава првпат ќе се спроведе мониторинг на безбедноста на храната од неживотинско потекло, конкретно на овошјето и на зеленчукот, кој треба да ја покажува употребата, односно содржината на пестицидите и остатоците од тешките метали.
- Досега ваков мониторинг никогаш не е направен. Производите од животинско потекло редовно се надгледуваат, но процесот го прошируваме. Моментно е во фаза изборот на лабораторија, за што е објавен тендер, по што веднаш стартуваме - објаснуваат од Агенцијата.
Во 2010 година кај нив се евидентирани вкупно 221 претставка од граѓани за опасности и ризици во храната, од кои најголем број се однесуваат на несоодветни хигиенски услови во објектите за храна - 35, органолептички изменети својства на храна 29 и сомневање за труење - 21 претставка. Минатата година, пак, бројот на претставки од граѓаните се преполовил и изнесува вкупно 138, што според Кате Стојановска, раководителка на одделението за заштита на потрошувачи, може да биде резултат на унапредување на системот за безбедност на храната.
Контрола однапред, а не отпосле
Според неа, поефикасно е контролата да се врши однапред уште на нива за време на производството, а не отпосле, на готов производ, заради што од годинава се воведува и мониторинг-програма, која содржи човечки и финансиски ресурси. Во однос на можните ризици во храната по здравјето на граѓаните и оттаму ја посочуваат хемиската контаминација.
- Европските експерти и европските граѓани сметаат, и тука мислењата се совпаѓаат, дека ризиците сѐ повеќе се гледаат во хемиските опасности од храната. А бидејќи Македонија е дел од Европа, независно дали сме влезени во Европската Унија или не, храната се движи на пазарот и сметам дека истото се случува и во Македонија. Покрај микробиолошките, кои во минатото беа најпопуларни и граѓаните беа најмногу загрижени за нив, сега како најзначајни сѐ повеќе се идентификуваат хемиските опасности во храната - вели Стојановска.
Според проф. д-р Никола Јорданоски, меѓународен нутриционист, навистина е непростливо сега да се почне со контрола на растителна храна, кога светот го прави тоа со години, можеби и од пред еден век.
- Меѓутоа, никогаш не е доцна да се почне, бидејќи, во спротивно, секогаш ќе каскаме зад другите европски земји што се понапредни во тој дел. Од друга страна, колку се тие подобри во делот на производство и контрола толку сме ние подобри поради тоа што натуралните ресурси овозможуваат квалитетот на нашата храна да биде високо котиран - нагласува Јорданоски.
Тој посочува и дека со неконтролиран третман со препарати и ѓубрење по секоја цена на земјоделските површини се прави полуција и се контаминира почвата и затоа мора да постои опис и попис за тоа како е произведена храната. Нашите сознанија говорат дека во однос на присуство на тешки метали најризична е храната добиена од околината на Велес во радиус од 50 километри. Во овој регион со години се наоѓаат тешки метали, олово и кадмиум, не само во храната туку и во масното ткиво на дивите животни. За она што го купуваме на пазар - само Господ нека ни е напомош, велат упатените.
- Немаме официјална државна контрола над растителните производи. Безбедноста на храната од животинско потекло се испитува со години, во согласност со регулативите на Европска Унија, но, од друга страна, храната од растително потекло не е под официјална контрола на државата и немаме доволно релевантни податоци. Тоа го подготвуваат со години, објавуваат законски норми и прописи што треба да биде, но никој не го контролира. Ако почне, ќе биде добро за сите- вели проф. д-р Павле Секуловски, раководител на Институтот за храна на Факултетот за ветеринарна медицина.
Организацијата на потрошувачи на Македонија организира и специјалистички советувања од областа на исхраната што се однесуваат на повеќе сегменти (производи за исхрана со поминат рок, декларација на овие производи, неквалитетен производ и друго).
- Вкупниот број советувања за сите советодавни бироа за 2011 година изнесува 3.330. На исхраната се однесуваат 121 поплака - велат од ОПМ.
Според Гордана Ристовска од Институтот за јавно здравје на РМ, болестите предизвикани со храна загадена со хемиски контаминенти може да се јават како акутни или долготрајни ефекти.

Истражувањето е поддржано од Данската асоцијација за истражувачко новинарство и од проектот SCOOPВо однос на присуство на тешки метали најризична е храната добиена од околината на Велес во радиус од 50 километри
Извор: дневен весник Нова Македонија http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=51512837149&id=9&prilog=0&setIzdanie=22580
За ова истотво имам правено муабет и на пазарче во Ѓорче Петров кој подврдија дека ги имаат прскано јаболките и праските повеќе од 3/4 па дури и 5 пати, но тврдеја дека не се штетни. А колку "не се штетни", знае најдобро нашиот организам..
Исто така во Прилеп на некој земјоделци во обид да внесат лубеници во Грција на граница им биле вратени затоа што биле калемени на тиква, им им рекле вие да си ги јадете тие.. Ако тие од Е.У. го враќаат тоа ни се враќа на нас овде, е сега останува прашањето колкав е квалитетот на храната што го имаме ние овде, ако во Е.У. тоа е недозволиво?
Сепак треба да се зголеми контролата од страна на министерството за земјодлство..