Лежење пола саат во када е речиси исто како да и удириш бокс на особата што ужасно те нервира.
Фини симулакруми си праам.
Смирена сум со себе. Слушам Дјуран Дјуран и не одам утре на испит. Место тоа, ќе му се увалам на љубовот мој во кревет утре.
Нека ми праи корнфлекс со мед и млеко дур ја му оставам мој мирис по постелнината со бобици.
Долго чекав да имам убава љубов и не дозволувам обврските да ми го занишаат љубовното стебло.
Се изнасекирав, изедов еден грклан и испив пола литро чоколадно млеко.
Ме фаќа апатија и страв дека штом завршам факултет, ќе се изгубам како дете во супермаркет. Или дека ќе останам фрустрирана уметничка душа што ќе се гребе од мама и тате на 34 години, немажена, здебелена и со аспирации да чита поезија на булевари.
Нема шанси, си викам. Оптимизам. Ама каде, во која дупка овде, забога? Може е период на резигнација, обиди, дивеење поради тешково време и синусите што ми проработеа и додека спијам, хрчењето ми е измеѓу дрвосечење и труба. Опасно ме нервира телесноста. Ми се излегува од оваа кожа, небаре пеперуже, ама не онакво тродневно. Ај, како змеј, поубаво е и не е здодевна споредбата. Змеј.
Сакам да сум змеј, тогаш. Барем ќе знам дека припаѓам некаде... Сама

Не знам од каде овие напливи.
Можеби треба да престанам да читам.
Да легнам во удобноста на медиокритетното постоење. Зошто ме боли глава и од преиспитувањето дека јас сум од Овие, а другите се Оние. Чуму таа замисла?
Нејќум ни прашања веќе.
Сакам одговори.
Сакам експлозии од мисли, во розев облак, некоја утопија.
А кога ќе ми текне дека лежев во вода со чај и пробував да плачам во себе, и истото тоа го објавувам овде, кај што има се и сешто, знам дека...
Нема одговор.
Има само бескраен пат до точката што ќе ми го скрши сонот, што не го ни памтам, реално.
Се забавувам со сопствената сенка вечерва, кога ќе легнете на страната од каде што ве блеснува улично светло и се движите за само да бидете сигурни дека нема да умрете додека спиете.
И преоѓам на Нет Кинг Кол.
Медс.
Не.
Ана.