Драга
Времето не лечи ништо. Факт. Со тек на времето работите не се менуваат, делата ги менуваат, новите дела.
Оној кафичот до мене ист е... само газдите се сменија во текот на годиниве што поминаа, дури имаше денови кога и јас се осеќав како инвентар од истиот. Продавачката од блиската продавница секое утро се буди со мислата дека времето ќе и донесе подобро работно место, дека ќе престане секое утро мачно да ги крева железните огради кои штитат од крадци... а крадецот зад аголот размислува дека ќе дојде подобро време во кое нема да мора да краде... Луѓето мислат дека времето е пресудно за тоа како ќе се одвиваат работите, за тоа дали ќе се најде подобро место, дали ќе се помират со љубениот партнер, дали ќе бидат среќни или дали ќе се сврти кругот... Онаа добра клише фраза времето ќе покаже. Се согласувам со тоа, но не можам да се помирам со фактот дека времето е тоа кое ги менува нештата. Можеби само е помош за подобро да се согледаат истите, но не и пресудно во нивното менување.
Денес можеби твојот најлош ден, е најсреќниот за илјадници. И обратно, твојот најсреќен ден е најтажен за илјадници..
Бараме во лошите ситуации луѓето да сочуствуваат со нас и кога не ни е пружено тоа, се јавува оној гнев и лутина, онаа осуда поради која гнијат многу луѓе. Поради сплет на околности зошто го бараме тоа упорно кога истото не можеме да го добиеме? Да јасно ми е, кога ни е тешко, сакаме и другите да разберат дека ни е тешко, кога сме среќни сакаме и другите да бидат околу нас среќни.. Не е тоа себично? Веројатно не е кога ние не сме способни да ја поделиме туѓата среќа и болка. И тогаш сме себични затоа и често ги слушаме муабетите "aко тој/таа плаче, не значи дека цел свет треба да рика со неа/него". Всушност целиот муабет е сведен на потребата за внимание и себичност, на потребата за сожалување.. Дури и истата потреба се јавува коа треба да пукаме од среќа и навистина пукаме, но сакаме со истата да предизвикаме во туѓи очи чувство на кривост, чувство на завист, на туѓа завист. Зошто ? Зашто сме себични, затоа што кога плачеме и се радуваме тоа не секогаш е без скриени намери, не секогаш е од срце.
Не сум песимист, не ги третирам останатите и не ги мрзам зашто се себични до срж, туку не разбирам зошто кога им е пружена можноста да ја задушат таа потреба, ја оставаат да ги копа се подлабоко.