Умор склопчен како маче, директно на срцево. Да. Ама топла супа од Подравка, Петелот, со бибер и гушкање со мама и те како е лековито.
Си најдов на среде Партизанска низ брдото паднати костени еден во форма на срце. Љубов насекаде. Само треба да ја дофатиш. Јас ја сместив во чашата од вино, купена час претходно на Виноскоп. Сивила, досада. Ми требаше Дома. Мојот кревет, столче, мирисот на перени алишта, близината што се лепи на завеси и ѕидови. Егото разгалено, Ритерспорт од ванилици подарок од тато - на маса во соба, даде ми наместила филмови да се симнуваат, женичкиве ме изгушкаа за интервјуто. Големи мали нешта. Скриена среќа во мекоста на шепите од мачињата. Како тоа што денес во подрум го најдов како смешно мјауцка, а му се исполепила пајажина на бркчињата. Му оставив парче саламче и млеко за да памти каде да си се врати.
Смешки. Превртување очи. Поезија во секој грам од моите вишок килограми. Колешка од работа, стара мома е, ја читала За Нас, и се расплакала. Ми кажува прееска - Ана, го разубавуваш животот некому. Емоциите ги носиш како подарок, без возврат, чувај го тоа. Ме погоди искрено, жената е сама и никогаш не зборува за приватниот живот. Зборуваат дека и починал мажот, но никогаш никој не ја има прашано директно ништо. Јас, знам само дека ја допрев некаде каде што не смеам, но ете. Ми кажа жената своја тајна и ме направи поголема од се’. Мирувам, ме умори денов, ме уморија многу нешта, но ете, лекот е пишување. Дали овде, дали во ворд документ кој трпеливо ме чека да завршам... Некако. Мудрувам, ама се радувам.
На 17ти ќе му ја промовираме новата книга на професорот Владимир Мартиновски во МКЦ со мој Иван. Кој сака, добредојден е да присуствува, да биде малку анимиран
Мене уште ми трешти блузот од полупразната 19ка за накај дома и бушавата коса на шоферот со каубојките... Треба да почнам и раскази да пишувам, имам материјал и те каков. Врви ноќва, ја испраќам со полни раце емоции, ги фрлам во вис ко конфети. Кому паднат - радост нек го фати.
Среќна сум. Ми недостига. Ми праќа многу Љубов и за тоа и живеам. Да го прегрнам пак силно, да си заспиеме на нашиот кревет со постелнина целата во цвеќиња, да ми ја мрси косата со прсти додека потхрчнувам, да му готвам тостови и да ме гали додека демек спијам, а јас само меркам како со Љубов ме чува и ме гледа.
Ете за тоа постојам...