Скиентологија: Култот на алчноста
.
По повод протестите на групата Anonymous на улиците во Лондон одлучивме да ги поддржиме и виртуелно да се придружиме на иницијативата да се искорени овој култ глобално. Повеќе фотки од протестот во Лондон
тука, а за сите оние што сакаат да дознаат што навистина претставува Скиентологијата, едноставно придвижете го скрол-копчето на маусот.
Што е Скиентологија? На што не учи таа?
Многу од граѓаните на Македонија воопшто не се свесни за нејзиното постоење, ниту за опасностите од неа. Деновиве, кога таа е во центарот на светските медиуми и низ улиците на Скопје во форма на „бесплатен стрес тест“, решивме да направиме детално истражување за суштината и целта на Скиентологијата, пред граѓаните да го оправдаат и прифатат, односно осудат нејзиното постоење.
Скиентологијата ја сочинуваат селектирани принципи и методи на психоаналитички, медицински, филозофски и религиозни учења и поврзани техники, развиени од американскиот автор Лафајет Рон Хабард. Низ период од 30 години, почнувајќи од 1952 година, таа се стекнува со провокативната дескрипција - филозофија за самопомош, односно систем за само-лекување познат како Дијанетика. Хабард развил една егзактна методологија која треба да им помага на луѓето да станат свесни за нивната духовна егзистенција, да научат да живеат повеќе животи симултано, а со тоа да станат и поефективни во физичкиот свет. Името „Скиентологија“ (анг. Scientology) се однесува на контроверзната „Црква на Скиентологијата“, најголемата организација која го промовира учењето на Скиентологијата.
Потврдена цел на Скиентологијата е да го „рехабилитира“ тетанот(груб еквивалент на човечка душа), со што душата повторно би се стекнала со основната состојба на „целосна слобода“. Иако некои групи и неколку влади ја прифаќаат Скиентологијата како bona fide (лат. добра волја) религија, „Црквата на Скиентологија“ не е ништо помалку од сериозно развиен култ на алчноста, кој се прикрива под терминот религија, понекогаш и под псевдорелигија, односно транснационална корпорација.
Таа спроведува разновидни техники за контрола на умот на луѓе кои се намамени во нејзината средина, како би можела да се здобие со контрола на нивните животи. Главно, нејзина цел е да стигне до материјалното, конкретно до финансискиот извор на приклонетите поединци, или пак истите да ги зароби во „компензација“ за нивниот труд кој речиси никогаш не е реципрочен.
Од многуте изјави во врска со оваа религија, би сакале да ја цитираме можеби најпознатата реченица на основачот на Скиентологијата Л. Рон Хабард, кој вели: „Пишување по еден збор за едно пени е смешно. Ако човек сака да направи милион долари, најдобриот начин е да започне негова сопствена религија.“
Потекло на Скиентологијата
Очигледно е дека основоположникот на Скиентологијата, Л. Рон Хабард, при креирањето на „Црквата на Скиентологија“ искористил голем број претходно постоечки идеи, иако презентирал многу малку цитати или коментари за изворите кои му помогнале, го упатиле или го инспирирале. „Црквата на Скиентологија“ себе се презентира како комплетно оригинално дело, а „изворот“или творецот е Хабард лично.
Таа рекапитулира, создава и се води од идеите кои Хабард ги претставил во Дијанетиката, поранешен систем на техники за самоподобрување, земени од неговата книга „Дијанетика: Модерна наука за менталното здравје“, печатена во 1950 година. Во тоа колку Дијанетиката е модерна денес, по повеќе од 50 години, не би навлегувале. Хабард го признава влијанието на Aleister Crowley и системот на генерална семантика, кој во триесеттите години на минатиот век е развиен од Alfred Korzybiski, и кој бил прилично влијателен во тогашната научно-фантастична субкултура. Во Скиентологијата се забележува влијанието на Хинду концептот за карма, како и психолошките теории на Зигмунд Фројд, Карл Јунг и Вилијам Саргант, а во голем дел таа наликува и на Будизмот.
Социологот Дејвид Г. Бромли од институтот во Вирџинија ја опишува Скиентологијата како „квази-религиозна терапија“ која наликува на Фројдовска „длабинска психологија“.
Верувања и практика
Учењата на Скиентологијата се структуирани во серија нивоа кои го рефлектираат верувањето на Хабард дека рехабилитацијата се одвива „чекор по чекор“. Скиентолозите следат низа курсеви кои ескалираат во едно напредно, мистично, повеќеслојно скиентолошко учење. Патот на учење е познат како премин, или „Мостот на целосна слобода“ или само „мостот“, а секој чекор од мостот ветува поголема лична слобода во некоја одредена област од животот.
Некои од основните принципи на Скиентологија:
- Личноста е бесмртно духовно суштество(тетан) кое поседува ум и тело.
- Тетанот живеел многу претходни животи и продолжува да живее по смртта на телото.
- Преку процесот на аудитинг(подолу објаснет) личноста се ослободува од „енграми“(болни, несвесни спомени) и „импланти“(слично на енграм) за да постигне состојба на „клиер“(анг. Clear) каде таа се ослободува од сите минати спомени, емоции и трауми, за на крај личноста да ја достигне состојбата на „Оперативен Тетан“ (ОТ) - кога се функционира независно од тежините на материјалниот универзум.
- Психијатријата и психологијата се лоши и навредливи.
Тајните за стигнувањето до нивоата на Оперативниот Тетан се учат во серија курсеви наречени нивоа или левели, означени со римски бројки од ОТ I до ОТ VIII, за кои Скиентолошката Црква има издадено строго доверливи насоки и документи. Хабард тврдел дека има напишано петнаесет ОТ нивоа(ОТ XV).
Има ли Скиентологијата позитивна страна?
Целта на применувањето на Скиентолошката психотерапија наречена „аудитинг“ е да се ослаби умот. Умот преоѓа од рационална во ирационална состојба, а конкретни содржини на потсвесниот ум излегуваат на површина, под претпоставка дека се валидни. Ова прави личноста да биде поосетлива на сугестија, бидејќи тоа ги претопува критичните мисловни делови на умот во делумна потсвесна состојба. Процесов резултира во перманентен лесен хипнотички транс, а во таква состојба личноста може да биде полесно контролирана и лесно убедена во се што ќе и се каже. Секако, оваа процедура се користи главно за да се наведат кандидатите постојано да се посветуваат на култот и материјално да се исцрпуваат. Во голем процент аудитингот се користи за да се дознае комплетниот сексуален живот на личноста, бидејќи кога се поседуваат снимени искуства, детали и фантазии од нечиј сексуален живот, или пак криминални животни искуства, тоа значи дека се поседуваат сосема доволно елементи за уцена, а со самото тоа и тотална контрола на личноста. Тука започнува теророт: лажни обвинувања и уцени од типот „Не би сакале некој да дознае дека имате љубовница нели? Тогаш поминете на аудитинг сесија“. Скиентологија теоретски го поткрепува своето постоење со објаснување дека им помага на луѓето кои сакаат да се чувствуваат подобро, на оние кои сакаат да ги решат проблемите и да го зголемат својот IQ. Но всушност, тоа е пирамидална хиерархија, игра на моќ која удира по егото на човекот и апсолутно не е засегната за индивидуалните карактери и нивните најразлични маани и проблеми.

Со применувањето на Скиентолошките правила во принципот на нормално живеење, се губи способноста за рационално и логично мислење, а личноста која ја губи способноста да размислува сама за себе, ја губи и способноста за самокритичност и преиспитување на сопствените идеи, и како таква станува лесно контролирачка. Скиентологијата своите жртви ги изолира и алиенизира од општеството, така што тие се повлекуваат од секојдневието и околината и преоѓаат во „друштвото на Скиентологијата“. Процесот ја зголемува чувствителноста и несигурноста на поединците, а психичките промени ескалираат во страв од општеството, верување дека тоа е контролирано од група фармацевтски компании, психијатри и финансиери кои им поднесуваат извештаи на своите далечни шефови... Со други зборови, тие се во состојба на масовна параноја и затоа избегнуваат весници и телевизија, бидејќи со тоа би можеле да го нарушат нивното „безбедно постоење во светот на Скиентологијата“.
Со други зборови, тоа е една надолна спирала која не води кон ништо друго, освен кон лудило.
Новите членови на редот добиваат и паметно изработен софтвер кој ги филтрира, па дури и блокира сите сајтови кои ја критикуваат Скиентологијата. Ова на некој начин е најбезбедна можност за контакт со светот, кој обично е сведен на интерно комуницирање во рамките на скиентолошките групи.
Кодот на честа во Скиентологијата е одбележан со предговор кој вели „Никој не очекува ’Кодот на честа’ да биде буквално и тесно сфатен“. Еве неколку извадоци од него:
- Никогаш не ја повлекувајте верноста која еднаш е дозволена
- Никогаш не напуштајте група на која и ја должите вашата поддршка
- Никогаш не се плашете да повредите некого за праведна причина
Научно фантастичниот дел скиентолозите го дознаваат кога ќе стигнат до состојбата наречена "Clear". Можеби „испрани во мозокот“ би бил поадекватен збор за да ја опишеме менталната состојба на некој што го преживеал презентирањето на својот потсвесен ум како „вистина“. Во повисоките ОТ нивоа, или во надсостојбата „Clear“, скиентолозите се среќаваат со приказната за Ксену. Накратко, Ксену е личност која ја собира целата популација од овој сектор на галаксијата и ги носи сите на Земјата, за потоа истите тие да ги истреби со хидрогенски бомби. Душите на овие убиени луѓе, кои се наречени „телесни тетани“, влегуваат и ги напаѓаат нашите тела. Во напредните нивоа на Скиентологијата личноста ги отстранува овие тетани телепатски преку „аудитинг“, со тоа што ги наведува повторно да го искусат нивното истребување со хидрогенска бомба. Тотално лудо, нели!? Многу скиентолози сосема полудуваат во овој степен од скиентолошкиот процес. Сепак, приказната е комплетно вистинита и дел од верувањата на Скиентологијата.
Од страна гледано, Црквата на Скиентологијата изгледа разумно. Нездравата содржина и се открива на личноста кога „воведните работи“ ќе си го завршат своето и кога личноста ќе почне да верува дека Скиентологијата и прави добро. Тогаш Скиентологијата ги убедува да и помогнат на нивната ново-формирана група со донирање пари или работа во организацијата речиси за беспари. Многу луѓе го прават токму тоа, работат најразлична работа во центрите за промоција на култот и неговите активности. Би можело да се каже дека тоа е „подобрата“ варијанта, меѓутоа не сите приврзаници завршуваат исто.
Whyaretheydead.net е сајт посветен на сите оние кои умреле од алчната рака на Скиентологијата. Се прашувате како?
Многу млади, трауматизирани, наивни луѓе со лични проблеми се наведувани во Скиентологија, со ветување дека таа ќе им помогне да ги совладаат животните препреки, дека ќе им го олесни емоционалниот товар и сл. Но всушност, се работи за олеснување на финансиите и додека тие се свестат колку пари потрошиле на сесии, веќе е доцна. Без пари, со веќе изгубена способност за комукикација, претходно социјално оградени, луѓето го бараат спасот и се одлучуваат на самоубиство.
Во 1991 година новинарот на списанието Time, Ричард Бехар и неколку одговорни луѓе, беа неколку пати легално гонети заради фамата и успехот кој го доживea написот „Скиентологија: Култот на алчноста“, за судот конечно во 2001 година да ги отфрли сите тужби на „Црквата“ како неосновани и да забрани понатамошно отворање на случајот. Со тоа што поседува огромно материјално богатство, Скиентолошката Црква практикува кога некој ја критикува да го нападне со сите можни легални средства, се додека самиот не се откаже од намерата. Многу интернет текстови се повлечени или модифицирани бидејќи самите автори не успеале да истраат во борбата за вистината.