Голем човек е оној кој знае вистински да прости.
Простувајте и простено нека ви е.
Честит празник, за многу години Прочка.
ПРОЧКА-ден на меѓусебно простување
Во третиот век во Антиохија живееле двајца многу блиски пријатели, Саприкиј и Никифор. Еден ден тие толку се налутиле еден на друг, по што не сакале да се видат.
По некое време Никифор ја сфатил бедата на лутината и побарал прошка од Саприкиј, кој бил свештеник. Овој не сакал ни да чуе. Сите молби останале попусти. Во тоа време, при едно гонење на Христијаните, Саприкиј бил затворен и ставен на маки, зашто не се откажувал од Христа.
Најпосле го осудиле и го повеле кон губилиштето. По патот Никифор повторно со солзи го молел да му прости, но на Саприкиј срцето му останало тврдо. Така и ја изгубил благодетта и на губилиштето се откажал од Христа, а Никифор, гледајќи го тоа, самиот побарал и бил погубен наместо него.
Празникот Прочка е ден пред светиот Велигденски пост. Проштевањето е духовен процес што од верникот бара лично преиспитување, покајување и како круна на тоа, да следува вистинско проштевање. Тоа значи секој да се преиспита дали во изминатиов период навредил некого со помисла, збор или дело и за тоа искрено да се покае на овој ден.
Барањето „прочка" значи јавно да се признае делото и да се побара простување, но истовремено да се биде подготвен и на тој што згрешил целосно да му се прости.
Прошка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми", а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога".
Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.
Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Прочка го означува и крајот на зимските и почетокот на пролетните празници.