Грчки неонацисти ќе тепале Македонци во Овчарани
Во село Овчарани секоја година се организираат прослави
и панаѓур посветен на илинденските празници, на кои се собираат голем број Македонци од Леринско
Неонацистите од организацијата „Златна зора“ се заканија дека насилно ќе го растурат собирот на Македонците во Леринско закажан за в недела. Традиционално, Македонците од Леринско се собираат во селото Овчарани, каде што организираат панаѓур посветен на илинденските празници. „Весникот „Та неа“, кој цитира официјални извори во Атина, пишува дека властите страхуваат од инциденти предизвикани од членовите на неонацистичката политичка организација, кои може негативно да влијаат врз имиџот на грчката држава.Истиот весник цитира „грчки граѓанин“, кој изјавил дека викендов во Лерин се очекуваат околу 300 бегалци и нивни потомци. Според „Та неа“, Атина располага со информација за подготвени активности на „Златна зора“, кои планираат викендот да бидат во Лерин за да се конфронотираат со гостите. Припадниците на „Златна зора“ пред неколку години не дозволија „Виножито“ да одржи конгрес во Лерин, а потоа се судрија со полицијата во Солун.Од официјална Атина и од опозицијата доаѓаат се' пожестоки реакции на писмото на македонскиот премиер Никола Груевски, во кое тој побара признавање на македонското малцинство во Грција и права за протераните Македонци. Жестокоста на реакциите достигна ниво на хистерија и потсетува на атмосферата во Грција пред повеќе од една деценија. Крајната десница предводена од Јоргос Караџаферис дури побара и затворање на границата кон Македонија. „Во очекување нови провокации“ е насловот на текстот што вчера го објави влијателниот атински весник „Катимерини“ по повод развојот на настаните во врска со писмото на македонскиот до грчкиот премиер. Весникот истакнува дека нови повици за признавање на македонското малцинство, јазикот и за враќање на имотите, се очекуваат на Средбата на децата-бегалци во Скопје. „Катимерини“ пишува дека на Средбата се очекува да присуствуваат и околу 6.000 македонски емигранти во Канада, САД и Австралија, а ќе биде испратено и соопштение до светските медиуми, со кое ќе побара заштита на човечките права и слободи.