Општина Штип и официјално го доби сертификатот со кој се озаконува брендирањето на „Штипската пастрмалија“.
Во иднина, планот на локалната самоуправа е да се дизајнираат специјални
налепници за угостителските објекти со кои ќе се информира дека во соодветниот ресторант се подготвува брендираната „Штипска пастрмалија“. Угостителите за тоа ќе плаѓаат симболичен паушален надомест на годишно ниво додека угостителите надвор од Штип кои сакаат на своето мени да ја подготвуваат брендираната „штипска пастрмалија“ ќе плаѓаат посебна сума изготвена по посебен тарифник.
Сите субјекти кои подготвуваат пастрмалија ќе можат да вклучуваат на менито само пастрмалија а не и изразот, односно брендот „Штипска пастрмалија“ која согласно укажувањето на Државниот завод за индустриска сопственост се подготвува со заштитен рецепт.
Чинот на брендирање доаѓа во вистински момент, непосредно пред манифестацијата „Штипска пастрмалијада 2011“ која ќе се оддржи од
23 до
25-ти септември на улицата „Ванчо Прке“ во Штип.
Во текот на оваа недела ќе се организира и средба помеѓу штипските угостители, општината и претставници на Државниот завод за индустриска сопственост во врска со обврските и правилата кои произлегуваат од брендирањето на „Штипската пастрмалија“.