Еве зошто на охриѓани не им оди со туризмот: 9 епизоди од охридското летно секојдневие
Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, вчера свикал вонредна седница на Локалниот економски совет, тема: слабата туристичка сезона. Се собрале сите – и хотелиери и угостители и концесионери на плажи и новинари и политичари... и заклучиле дека слабата туристичка сезона е последица на „необјективните“ медиумски написи за превисоките цени и за недостатоците во туристичката понуда, кои го нарушиле имиџот на градот.
Тие дури и се согласиле дека цените на услугите во Охрид се прифатливи за секој џеб, и за домашните, и за странските гости.
Дали е баш така?
Редакцијата на МКД.МК досега не влегуваше во натпреварот на медиумите кој ќе објави поскандалозна фискална сметка од охридското крајбрежје. Ама по состанокот на вака високи претставници одговорни за туризмот во Охрид, сега ќе претставиме неколку епизоди од туристичкото секојдневие, раскажани во прво лице. Не е лошо на наредните состаноци на оваа групација високите охридски туристички функционери да го разгледаат и ова.
Епизода бр. 1
Сопственик на мало кафуле, кој со години работи во Охрид, а е од Скопје, решил да не менува ништо во однос на цените. Со години сум во Охрид, имам веќе редовни муштерии, нема зошто, е нормалната логика на секој нормален угостител. Недела-две по почетокот на сезоната бил посетен од група угостители од Охрид, оние со подебелите вратови, и бил предупреден да се придржува кон нивниот договор за цените...
Епизода бр. 2
Гостин од Скопје само што се паркира под една од куќите во Лагадин во која планира да престојува, во првиот ред, најблиску до езерото. Уште нераспакуван, му се приближува човек и му бара 150 денари. Зошто? Па за паркинг и „гратис“ лежалка. Ни фискална каса, ни обележано паркинг-место, ни рампа, ни средена плажа...
Епизода бр. 3
Уште некаде во април, група млади бизнисмени од Скопје одат во Охрид за да ги разгледаат можностите годинава да земат под концесија некоја од плажите. Разгледуваат така по крајбрежјето и пак, еден од оние со подебелите вратови, само поминува покрај нив, онака незаинтересирано и ги прашува:
-Шо прајте?
-Еве, разгледуваме да земеме плажа.
-Ааа, немојте.
-Зошто?
-Ќе имате проблеми со Климе.
-Кој е тој Климе?
-Јас сум.
Епизода бр. 4
Убаво друштво, на ручек кај Свети Наум, прекрасна атмосфера, вкусна храна, ама старо лепче.
-Келнер, ај те молам ова лепчево само фрли го малку на скара...
-Аааа, не можам, гужва е...
Епизода бр. 5
Охрид, средина на јануари. Семинар во хотел. Единствени гости само учесниците на семинарот. Два дена без греење. Еве ја цистерната со мазут само што не дошла, нè лажеа со денови.
Епизода бр. 6
Ресторан во Охрид. Вечер за натпревари од Лигата на шампиони. Празен ресторан, само на една маса седат двајца. Еден од нив посегнува по далечинскиот за да пушти фудбал на телевизорот. Келнерот, кој претходно немал ни погледнато во телевизорот, се развикува, си го грабнува далечинскиот и враќа на претходниот канал.
Епизода бр. 7
Јуни во Охрид. Полн со Холанѓани. Топло време, убаво, време е за пивце. Завршува уживанцијата, еден домашен гостин бара сметка. Домашниот гостин фрапиран од бројките на фискалната сметка – а келнерот мртов-ладен му одговара: Ќе ги вратиме нормалните цени кога ќе си замине групата од Холандија.
Епизода бр. 8
Три шанка еден до друг. На првиот шанк една пијачка чини 100 денари, на вториот шанк истата пијачка се продава за 200 денари, на третиот шанк за 250 денари. Утредента, наеднаш сите ги израмнуваат цените. На 250 денари.
Епизода бр. 9
Кај снабдувач на големо со пиво, кауција за 4 празни гајби чини 9.000 денари.
Епизода бр.... Треба уште?
Е и тоа е Охрид. На Охрид не му треба негативна кампања за да не им доаѓа никој. Доволни се самите охриѓани.
Можам да се надоврзам на овие примери од МКД:
Пред десет и повеќе години, на ривиера (не помнам баш точно каде), се организираше голем фестивал (можда Литиум го праеше) со генерален спонзор Скопска Пивара. И све се договорија со локалната власт и сите со кои треба. Пред сам почеток на фестивалов, скоро буквално пред отварање врати, им доаѓа дебеловратиот Климе* и им вика или на сред фестивал ќе има шанк на Прилепска Пивара или немет фестивал. И таков беше смешен фестивалот со главен спонзор Скопска, а на средина шанк од Прилепска.
Не знам како се разбраа после со Скопска.
* персонификација