Секоја недела од 8 часот, како и на поголемите празници, православните верници кои не можат да присуствуваат на Божествените литургии ќе можат да ги следат преку разглас. Владиката Петар вели дека последната година црквата Света Богородица е добро озвучена со разглас за таа цел.
-Во духот на она што е веќе присутно во Битола и во Македонија, има разглас и од ИВЗ каде се повикуваат нивните верници на молитва. И ние оценивме дека е добро барем напладне да биде тропарот за Свети Нектариј Битолски кој е заштитник на градот, на сите граѓани, да можат да го слушнат на македонски тропарот и да ја разберат нивната суштина. Секој ден во 12 часот трае околу една минута повикот на молитва и песната на тропарот на Свети Нектариј, изјави г.Петар, Митрополит Преспанско-пелагониски.
Кога започнаа службите да се слушаат преку разглас, во јавноста имаше негативни реакции од околните жители. Владиката пак вели дека коментарите кои стигнуваат до нив се позитивни.
-Реакциите до нас најмногу се позитивни, не само од Битола туку и од цела Македонија, а ќе се најде некој кој не е оцрковен, иако е крстен. Од муслиманите немаме забелешка, немаме несогласувања по тоа прашање, а тоа е работа на избор. Ако недела е ден за одмор, одмор значи ден посветен на Бога, вели Владиката Петар.
Посочува примери во другите земји како се одбележуваат верските празници кои се и државни празници.
-Свети Сава во Србија се одбележува во училиштата, а ако одите во Истанбул, во секое време може да се слушне од сите џамии повик за молитва, вели Владиката Петар.
Емитувањето богослужби преку разглас е новина која се применува малку повеќе од два месеци