ПРЕМИНУВААТ ВО ИСЛАМ
Стотици јазиди во страв од егзекуција се согласиле да станат муслимани
Трагедијата на ирачкиот народ продолжува, што може да се види од најновите видеа во продукција на Исламската држава, пренесува Јутарњи лист.
Откако крволочните силамисти на брутален начин испоубија илјадници јазиди, неколку стотици припадници на таа етнорелигиска група од Ирак се согласиле да преминат на ислам за да избегнат егзекуција.
Во видеото, наречено „Стотици јазиди преминуваат на ислам“, може да се види како припадници на Исламската држава им држат религиски лекции на јазидите, или барем тие така тврдат.
За разлика од нивните претходни снимки, на оваа нема крвави глетки кои беа вообичаени во досегашните видеа на Исламската држава.
„Мажи, жени и деца преминаа на ислам. Бев со нив и среќни се поради тоа. Им советувам и на останатите јазиди да се симнат од планините и да се преобратат“, им порачува во видеото еден од припадниците на ИС, при тоа мислејќи на илјадите луѓе кои избегаа на планината Синџар.
„Доколку останат горе ќе умрат од глад и жед. Тоа е доказ дека приказните за помош од Западот се лага. Доколку се преобратат, ќе им дадеме сѐ што им треба. Ќе живеат среќно“, додава тој.
На објавената снимка може да се види како десетици јазиди се симнуваат од автобуси по што ги водат во простор каде им се предава исламот.
„Во овој момент вие сте неверници. По ова ќе станете муслимани и ќе имате права. Повторете по мене...“, им порачува терористот на Исламската држава на несреќните јазиди.