Образованието ни се распаѓа пред очи, за заспаните средношколци и студенти сè е како што треба да биде. Затоа и сме дел од генерација на пропаднат потенцијал, генерација на загубени соништа и вредности, генерација на загубена иднина.
Екстерното тестирање, за секој оној кој има допирна точка со рационалното критичко размислување, е убиец на образовниот процес. Веќе нема дилеми.
Тестирањето веќе неколку години се спроведува како што не смее да се спроведува.
Основа за спроведување на вакво електронско тестирање се функционални компјутери.
Секој вклучен во образованието може да потврди дека такви компјутери речиси и нема.
Чиста вистина е дека самите ученици ги уништија. А тоа е уште поголем доказ дека нешто е гнило во системот што ги едуцира. Значи, немаме техничка опрема, или имаме техничка опрема, но едвај функционира. Но ако нашето драго Министерство за образование, кое се грижи за сè освен за образованието, „тврди“ дека компјутерите се во ред, да го замислиме тоа сценарио. Замислуваме дека компјутерите се во ред.
Но што правиме со големите пропусти и честата нефункционалност во самата програма што го врши тестирањето?
Што правиме со неусогласената програма помеѓу тоа што МОН го налага и тоа што професорите го предаваат?
Што правиме со казните за професорите?
Како се професорите криви за разликата во оценките, кога самиот систем на тестирање ни дозволува да препишеме буквално сè?
Министре Адеми, кажете ни што правиме со фактот што вели дека огромен број средни училишта низ земјата немаат учебници по неколку предмети?
Во гимназиите нема учебници по информатика, анализа, алгебра...
Кажете ни, министре, како да учиме за екстерното тестирање ако немаме учебници?
Нели сите прашања на тестирањето се од учебниците?
Драги средношколци, никогаш нема да го добиеме одговорот. Бидејќи одговорот е минус политички поени за „чичковците од владата“. А тие, нали, сакаат да владеат вечно.
А екстерното за студенти? Сте чуле нешто посмешно периодов?
Студентите пројавуваат револт и излегуваат на протести. Целосна поддршка за студентите што протестираат деновиве. Запамтете кој стои до вас кога сте малкумина, за кога ќе си ја вратиме државата во наши раце и ќе бидеме многумина, да не пишуваме историја со лажни херои.
Што правиме со студентските домови?
Минатата година, кога пукна
срамот низ цел свет за тоа како нашата драга влада се грижи за нашите студенти, се крена голема врева околу грижата за студентските домови.
Слушнавме ветувања, нови студентски домови, празни зборови, празни ветувања...