Дали САД ќе банкротираат пред Грција?
Атина обезбеди помош од Брисел, па барем до наредниот месец ќе може да ги сервисира долговите. Тоа не важи за САД. Ако до 2 август не го зголеми лимитот за задолжување, Вашингтон е на пат да предизвика нова глобална економска криза, предупредуваат експертите
Дали САД ќе банкротираат пред Грција? Фактот што воопшто се поставува вакво прашање покажува дека живееме во чудни времиња. Грчката влада на премиерот Јоргос Папандреу обезбеди нова транша од спасувачкиот пакет на ЕУ и на ММФ, па би можело со сигурност да се каже дека Атина нема да банкротира наредниот месец. Неверојатно, но истото не може да се каже за администрацијата на американскиот претседател Барак Обама, нагласува Стефани Фландерс, економска уредничка на Би-би-си.
Светот многу повеќе зависи од довербата во САД отколку во Грција. Па затоа ако Вашингтон дури и привремено не може да ги сервисира долговите, светскиот финансиски систем ќе претрпи огромни последици, предупредуваат аналитичарите. Тие затоа се уверени дека Белата куќа и Конгресот ќе успеат во последен миг да најдат заеднички јазик и да спречат нова глобална криза.
НОВ ЛИМИТ
Како Американците се најдоа во оваа мешаница? САД се една од ретките земји каде што лимитот на националниот долг се одредува со закон, кој мора да го усвои Конгресот (кој претходно одобрува буџет, чии ставки се причина за задолжување). Конгресот најмалку 75 пати го зголемувал лимитот за задолжување во изминативе 50 години. За време на двата мандати на Џорџ Буш, лимитот беше зголемен седум пати, а последен пат Конгресот интервенираше во почетокот од 2010 година, кога лимитот го зголеми на 14.300 милијарди долари. Тековното ограничување беше достигнато уште на 16 мај, но министерството за финансии успеа со вонредни фискални маневри да го одложи справувањето со проблемот до 2 август. Ако Конгресот не го зголеми лимитот дотогаш, САД нема да можат да ги сервисираат во тој момент доспеаните обврзници ниту да вршат тековни буџетски плаќања, нагласува „Политика“ во анализа за американските должнички маки.
ЗАВИСНИЦИ ОД ТРОШЕЊЕ
Преговорите меѓу демократите и републиканците во Конгресот се претворија во политичко-идеолошка битка, со меѓусебни обвинувања. Обама ги нарече републиканците мрзливи ученици, а демократите ги обвинија за намерно саботирање на американската економија.
- Вашингтон е зависен од трошење, а најголемиот зависник е претседателот - возвратија тие.
Републиканците бараат од претседателот да ги намали јавните трошоци во наредните десет години за 2.000 милијарди долари. Но Обама сака со кастрењето на трошоците да ги зголеми и буџетските приходи и тоа пред сé со укинување на даночните олеснувања за најбогатите Американци, изгласани во времето на Буш, затворање на даночните дупки што на корпорациите им овозможува помалку да и даваат на државата, укинување на субвенциите за нафтените компании, како и со зголемување на даночните стапки за приходите на менаџерските елити на Волстрит. Републиканците, а особено новата генерација конгресмени избрани минатиот ноември со поддршка од ултраконзервативното движење Чајанка, одбиваат секакво зголемување на даноците или укинување на даночните олеснувања. Во преговорите за буџетот во декември, Обама се согласи да се продолжат олеснувањата за милионерите и за милијардерите, па неговите противници се надеваат дека повторно ќе го натераат да попушти.
ЗАКАНИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА РЕЈТИНГОТ
Агенциите за кредитен рејтинг „Стандард енд пурс“ и „Мудис“ веќе предупредија дека ќе го намалат рејтингот на САД ако политичарите наскоро не успеат да постигнат договор. Купувачите на американски обврзници и понатаму веруваат дека имаат работа со сериозна држава, па каматата е сосема поволна за должникот.
Голем дел од обврзниците на американскиот долг се во државни инвестициски фондови, пред сé во Кина и во Јапонија, па лесно може да се замисли што би се случило ако Пекинг и Токио одлучат набрзина да се ослободат од нив. За глобален должнички шок предупреди и ММФ.
Некои аналитичари и политичари предлагаат САД да постават приоритети што ќе исплаќа и кои долгови ќе ги враќа, за да го задржат кредитниот рејтинг. Но администрацијата на Обама вели дека нема простор за такво нешто. Тука не станува збор за тоа дали владата треба да одлучи да не ги плаќа јавните службеници, за да му исплати камати на Волстрит. Поголем проблем, според Вашингтон, е тоа што пазарите веднаш реагираат ако владата одлучи да не ги исполнува должничките обврски.
И додека политичарите се обидуваат да постигнат договор до 2 август, граѓаните во големо мнозинство (70 отсто) сметаат дека Конгресот не треба да го зголеми лимитот. Тоа значи дека речиси три четвртини од американската јавност не сакаат американската влада да ги испочитува обврските. Во таква средина тешко е да се донесе исправна одлука, особено во кампања за претседателските избори наредната година, заклучува Би-би-си.
Атина: Кризата ги одмина пратениците
Грчките пратеници и понатаму примаат високи плати наспроти тешката криза во која се наоѓа нивната земја. Бруто-месечниот приход на еден пратеник изнесува 9.869 евра, а поради рецесијата неговата плата е за 1.600 евра помала од лани, јави електронското издание ГРРепортер.
Пратениците во Грција земаат пари и за учество во парламентарни комисии - месечно во просек околу 1.200 евра. Ако кон тоа се додадат и патните трошоци, секој пратеник државата годишно ја чини по 118.434 евра. Грчкиот парламент има 300 пратеници.
Пратениците имаат и други привилегии. Тие користат автомобили што им ги обезбедува парламентот со лизинг-програми, а во своите кабинети можат да назначат научен соработник, четворица државни службеници и полицаец. Секој пратеник дури и по само еден мандат има право на две пензии, една пратеничка и една од неговиот професионален стаж.
Друга категорија високоплатени службеници се членовите на администрацијата во парламентот. Вкупно 1.333 лица, од кои 75 отсто се со постојан договор за работа или со договор на неопределено време, добиваат по 16 плати годишно и низа додатоци, како тие за вонредни компензации, за работа со компјутер, за одговорно место, за стаж и за патни трошоци. Буџетот само за основната плата на овие службеници изнесува над 25 милиони евра, односно по над 19.000 евра за вработен.
Веб-сајтот наведува оти службеник на парламентот, кој се пензионирал со стаж од 28,5 години, добил пензија од 5.169 евра. За споредба, претседателот на Врховниот суд за истиот стаж добива околу 400 евра помалку. Исто така, службениците во парламентот двапати добиваат еднократен надомест при пензионирањето - од касата за поддршка на службениците во законодавното тело и од заедничката каса за помош на државните службеници.
Грчките компании се селат во Бугарија
Најмалку 800 грчки компании во првата половина од 2011 година се преселиле во соседна Бугарија поради кризата во земјата, јави Нетпрес.
Експертите прогнозираат оти до крајот на годинава уште толку грчки компании ќе ги преселат своите бизниси во Бугарија. Според нив, главна причина за тоа е што Бугарија има најниски даноци во ЕУ, макроекономска стабилност и евтина работна сила, недвижнини и транспортни услуги. Грчките фирми досега во Бугарија вработиле околу 82.000 лица.
ЕУ-помошта на суд
Уставниот суд на Германија вчера почна да разгледува тужби на пет евроскептични професори и на еден пратеник против учеството на Берлин во спасувачките пакети на ЕУ и на ММФ за Грција, Португалија и Ирска во момент кога меѓународните кредитори подготвуваат нова помош за Атина во вредност од 120 милијарди евра.
Тужителите тврдат дека помошта е неуставна и спротивна на договорите на ЕУ. Експертите прогнозираат дека судот нема да го блокира учеството на Германија во спасувачките пакети, но дека може да му обезбеди на парламентот поголема улога во одобрувањето нова помош. Германија учествува со 25 отсто во спасувачките пакети за презадолжените членки на еврозоната. ЕУ и ММФ досега одобрија помош од вкупно 273 милијарди евра за Грција, Ирска и за Португалија, наведува Ројтерс.
--- надополнето: Jul 6, 2011 11:52 AM ---
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=7611940396&id=11&prilog=0&setIzdanie=22323