Во првата половина на 1940 година, на една седница на Трговската комора рекол: "Доста ни е од ваквите префрлувања дека сме неработници и дека државата многу повеќе ни дала отколку што ни зела во изминатите години. Јас ви велам - не! Нам државата многу ни зема, а ништо не ни дава, па, ајде оставете не ние самите да управуваме со слободна Македонија. Знаејќи како изгледа денес, дојдете по пет и десет години и ќе видите што ќе биде од неа". Понатаму, тој рекол: "Зошто да поднесуваме резолуции и молби, бидејќи надлежните од Белград се покажаа неспособни да ја водат државната политика кај нас, на југот. Нека ни ја дадат слободна Македонија, па ние да управуваме со истата".
Неколку месеци подоцна, на 2 август - Илинден, во месноста Шаторов Камен, Ченто истакнал: "Не, ние не треба да му веруваме никому отстрана, зашто нивните ветувања се празни и ги користат само за лични интереси. За нашата правда и слобода, ние самите можеме да се избориме. Гледајте што стори Мачек, кој ветуваше федеративно уредување на Југославија и национални права на Македонците. Каде е сега Мачек да им дозволи и на шпанските доброволци да се вратат од Франција, а кога заминаа да се борат на фронтовите за слобода на шпанската Република тој ги подржуваше, затоа што беше во опозиција. Нашиот пат се нашите Илинденци. Да живее Илинден, да живее слободна Македонија".
Не поминало долго време, на 8 декември 1940 година, во просториите на Гимназијата во Прилеп, биле собрани над 200 родители, со цел да се предупредат дека нивните деца не зборуваат на српски јазик и доколку не ги принудат да го користат во секојдневната употреба, ќе бидат казнети. "Учениците дома и за време на одморите, зборуваат на некој чуден јазик, а не на нивниот "мајчин" српски книжевен јазик и дека се двојат на Србите и Македонците, дека влијаат дури и на српските деца да зборуваат на тој "мајчин" јазик. На овие зборови штотуку вратениот од затвор, Методија Андонов - Ченто, му се обратил на директорот: "Господине директоре, не можете тоа од нас да го барате. Не можете ниту Вие, ниту кој било друг да ни забрани нам, на нашите деца, дома и овде, на часовите да зборуваат на својот мајчин јазик, затоа што ние сме Македонци , а нашите деца се македонски деца. Ние, Македонците имаме свој јазик, а нашите деца имаат право да зборуваат и во училиштето, на часовите на својот мајчин јазик. Ниту ние им забрануваме, ниту некој друг може да им забрани на српските деца, кои се дојдени во Прилеп, да зборуваат на нивниот мајчин - српски јазик. Не им забрануваме да бидат Срби, но нашите деца нека останат Македонци. Ако ова политичко уредување не ги дава нашите политички и национални права за самостојност во една федеративна држава, ќе дојде ден кога оваа земја нема да се вика Јужна Србија, туку Македонија, којашто ќе биде самостојна држава. Југославија се состои од повеќе покраини, во кои живеат разни нации и тие едноставно можат да живеат заедно во федерација".
По долгогодишната борба за остварување на вековниот сон на македонскиот народ, Ченто е избран за прв претседател на Македонија (2 август 1944 на Првото заседание на АСНОМ), а подоцна е притворен од своите незаситни сонародници, југокомунисти. При испитувањето ги повторил своите ставови: „Моето мислење е дека македонското прашање се уште не е решено. Требаше да се создава обединета Македонија, но во ова време, услови за тоа не постојат. Тоа може да се реши или со спогодба или со војна, за што јас, никогаш не сум бил. Прашањето за обединета Македонија не ме тишти само мене, туку и сите Македонци". А за Уставот на ФНРЈ рекол: "Во одлуката на АВНОЈ од 1943 година стоеше - шест федеративни единици да влезат во НРЈ, со право на одделување и отцепување. Во Уставот, ова право беше одземено. Јас настојував да влезе. Поточно, сакав да биде задржано, бидејќи за време на НОВ го пропагиравме како една од најголемите придобивки. Затоа и настојував да биде запишано во овој највисок државен акт. На основа на тоа право, сметав дека полесно ќе се одлучат на соединување и останатите два дела на Македонија"