Подемот на Турција на Балканот
11/07/2011
Mногумина гледаат дека земјата ја презема улогата на нова регионална сила во сите сфери, од економијата до културата.
Во текот на изминатата деценија, Турција спроведе мулти-димензионална и мулти-регионална надворешна политика. И додека изгледите за членство на оваа земја во ЕУ се во неизвесност, таа се грижи не само за истокот, туку и за Балканот.
Растечките општествено-финансиски проблеми на Грција, регионалниот играч на ЕУ, обезбедија доволно простор за Турција - чија економија сега се наоѓа на дванаесеттото место во светот, со БДП од 10.000 американски долари по човек - да ја преземе контролата врз регионалното кормило.
„По распадот на Југославија, стратешкиот интерес на Турција се врати на Балканот, исто така поранешна отоманска територија. Овојпат, влијанието е економско и културно, но тоа наскоро ќе стане геополитичко“, изјави воено-политичкиот аналитичар Петар Шкрбина за
SETimes. „Ердоган знае дека Европа има потреба од Турција, а не обратно. Главните мрежи за гас и нафтоводите ќе поминуваат низ Турција“.
Балканските земји, пред се Македонија и Босна и Херцеговина (БиХ), но исто тка и Србија, имаат постигнато значајна политичка соработка со Анкара. Во изминатите неколку години, економските врски се зајакнаа бидејќи турските инвеститори ја согледуваат можноста да обезбедат сигурна позиција на балканскиот пазар.
Аналитичарите се едногласни дека пан-европскиот коридор број 10, кој ќе ги поврзува земјите од Балканот со останатиот дел од Европа, ќе командува со економското внимание на Турција. Левото крило на коридорот ќе обезбеди транспортна врска помеѓу Турција и Балканот, како и помеѓу Турција и ЕУ.
Иако Турција покажува интерес да развие врски со муслиманските заедници на Балканот, таа вели дека има за цел да ги вклучи сите етнички групи и религии, во обид да се зголеми стабилноста во нејзиното соседство.
„Турција нема империјалистички амбиции, туку се обидува да им помогне на соседните земји, како што може“, рече турскиот амбасадор во Србија, Али Риза Чолак, одговарајќи на обвиненијата дека Анкара се меша во внатрешните работи на Србија откако висока воена делегација го посети Нови Пазар, во српскиот регион Рашка (или Санџак) во кој преовладува муслиманското население.
Рашка останува извор на тензии во односите Анкара-Белград бидејќи Србите широко веруваат дека локалните муслимански лидери се обидуваат да добијат автономија со помош на Турција и многу муслимани таму се идентификуваат со БиХ.
Како одговор, амбасадорот Риза Чолак вели „Санџак е мост за соработка меѓу двете земји, а Белград мора да ја разбере чувствителноста на луѓето во овој регион“.
Односите меѓу Турција и БиХ се особено важни за регионот. Изјавата на Ердоган по изборната победа минатиот месец, во која тој рече дека победата на неговата АКП ќе му биде од корист на Сараево исто колку и на Истанбул, предизвика остри реакции во Република Српска.
Српскиот член на три-членото претседателство на БиХ, Небојша Радмановиќ, рече дека таквите изјави може да предизвикаат политички проблеми помеѓу двата ентитета на БиХ и може да доведат до нови поделби меѓу трите конститутивни народи.
„И додека бошњачките власти во Сараево гледаат позитивен ефект од улогата на Турција во БиХ, српските политичари се воздржани и не прифаќаат политичка улога од страна на Анкара на Балканот“, вели Шкрбина за
SETimes.
„Отворените амбиции на Ердоган да ја рашири „Зелената дијагонала“ [ширење на исламското влијание преку група поврзани земји со муслиманско население] во овој простор имаат свои граници. Ниту незаконската влада на муслиманско-хрватската федерација ќе му помогне да го направи тоа, ниту пак политичките притисоци врз Хрватите во централна Босна“, изјави заменик-претседателот на РС Емил Влајки.
И покрај секое долготрајно српско националистичко сомневање, Турција игра конструктивна посредничка улога со зближување на претседателите на БиХ и Србија за да поттикне политика на дијалог и регионална безбедност.
Последен пример е посетата на српскиот претседател Тадиќ во Сараево на 6-ти јули, која беше договорена на самит меѓу сите страни во Истанбул во април минатата година. Србија сега ветува дека ќе го гарантира интегритетот на БиХ и сака да ги затвори сите отворени прашања.
Турција, исто така, ја изрази својата желба БиХ и Србија да влезат во Евро-атлантската заедница преку членство во ЕУ и НАТО.
Иако неколку политички прашања остануваат пречка за подобри односи, и Анкара и Белград имаат за цел да ги надминат политичките разлики, преку поголема економска соработка и меѓузависност.
На пример, Белград му понуди на Туркиш Ерлајнс на состанокот во јули да изготви стратешки план за соработка за решавање на долготрајните проблеми со кои се соочува ЈАТ. Аналитичарите очекуваат конечниот, позитивен исход да биде формирање на заеднички национален авиопревозник.
Турската економска активност се протега низ целиот регион. Турската компанија ТАВ веќе инвестираше 200 милиони евра во обнова на аеродромите во Македонија.
Од 1-ви март, аеродромите во Скопје и Охрид ќе бидат под контрола на ТАВ во наредните 20 години. Директорите на ТАВ ја сметаат Македонија за центар на Југоисточна Европа и најавија изградба на нов аеродром во источна Македонија.
Покрај тоа, турската фирма Шише Џам го соопшти својот интерес за стратешка инвестиција од150 милиони евра во две фабрики во Македонија за производство на стакло.
Политички, Турција ќе продолжи да биде цврст поддржувач на Македонија во евро-атлантската интеграција, залагајќи се за членство под името Македонија, и покрај долготрајниот спор со Грција.
Но, односите имаат подлабок културен и историски контекст во Мустафа Кемал Ататурк, основачот на модерна Турција, кој ја поминал својата младост во Македонија и се школувал во отоманско воено училиште во Битола, додавајќи емотивна димензија на тоа како Анкара - и турскиот народ - гледаат на Македонија.
Сега, секоја година во Битола се одржува заедничка прослава на животот и делото на Ататурк. Ваквите настани придонесуваат за зголемување на туризмот во двете насоки. Летните дестинации во Турција, планините во Македонија и природниот потенцијал се привлечни за двата народи, и имаше голем пораст на активноста на туристичките агенции во изминатата деценија.
Важен елемент на "дискретната моќ" на Турција е растечкиот број на сапунските опери и други телевизиски емисии кои ја освоија публиката низ целиот Балкан. Во речиси секоја балканска држава, турските емисии соборуваат рекорди, како и долготрајните предрасуди кон исламот.
„Тие се многу професионално продуцирани и не промовираат луксуз и гламур, туку традиционалните исламски обичаи за време на бракот и погребите. Сериите се најевтиниот, но најефективниот приод за ширење на турското влијание во регионот“, рече Шкрбина.
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/articles/2011/07/11/reportage-01