За најатрактивни се сметаат управните одбори на Македонски Телекомуникации, Македонска пошта, ЈП за аеродромски услуги, Електростопанство на Македонија. Најмалку платени се членствата во Управните одбори на културните иснтитуции, кои се најмалку атрактивни.
Во управните одбори на овие атрактивни компании по правило се поставуваат “најзаслужни” луѓе, блиски до владејчката партија.
На пример, претставник на државниот капитал од 47% во Телекомот е академикот и професор на Економскиот факултет, Таки Фити, поранешен министер за финансии во една од владите на Црвенковски и екс-пратеник во Собранието. На оваа функција Таки Фити беше назначен во декември минатата година на местото на Ламбе Арнаудов, кој беше претставник на државниот капитал за време на ВМРО-ДПМНЕ. Неизвршен директор во Одборот на директори на Телекомот е професорот на Правниот факултет Борче Давитковски. Претставниците на државниот капитал кои членуваат во Одборот на директори на Телекомот, покрај тоа што имаат највисоки парични надоместоци кои се движат околу 30.000 денари месечно, имаат и посебни автомобили кои Телекомот им ги доделува на користење и за секоја седница добиваат екстра дневници. Во УО на Телекомот се и Асан Јакупи, Гаврило Џиковски, вработен во Телеком, а до неодмна беше и членот на ЛДП, Симо Груевски кој по барање на лидерот Ристо Пенов и Владата беше повлечен. На негово место беше предложена Снежана Ивановска -Јаневска, директорка во Скопска Пивара.
Така на пример, во Фондот за здравствено осигурување членуваат професорката на Правниот факултет Софија Тодорова, министер за образование во една од поранешните влади на Црвенковски, Насер Бајрами, секретар на општината Шипковица, лекарот од Чегране, Имер Имери и Никола Стојановски, кој е меѓу ретките (ако не и единствен) пензионер кој членува во некој управен одбор на јавно претпријатие.
Во Управниот одбор на ЕСМ членови се Татјана Колемишевска-Гугуловска, роднина на поранешниот директор на НИП Нова Македонија, Панде Колемишевски и екс-претседателот на Партијата на Власите во Македонија, Зико Зиков.
Мора да се забележи дека при изборот на членовите во управните одбори на јавните претпријатија се водело сметка да бидат застапени и претставници на албанскиот коалиционен партнер ДУИ, па речиси во секој управен одбор има по двајца или тројца Албанци. Така, во УО на ЕСМ членуваат Халим Мисини и Селајдин Куртиши, а во Надзорниот одбор на ЕСМ членови се Мерсад Дрпљанин и Мерсут Шабани.
Во управниот одбор на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор член е професорот на Архитектонскиот факултет Мирослав Грчев, екс-градоначалник на општина Центар.
Професорот Јорде Јакимовски од Институтот за социолошко-правни и политички истражувања е член во управниот одбор на УО на Македонски пошти.
И шефот на кабинетот на гувернерот Љубе Трпевски, Богољуб Јанковски во почетокот на минатата година е назначен за член на управниот одбор на Агенцијата за управување со средства.