Речиси редовно просечната македонска девојка е осудена за својата врска со црно момче кое дошло во Македонија заради икс причини. Се сложувате? Има во Македонија расизам? Дали сте вие расисти? Ако сте, како го доживувате тоа и како изгледа вашата омраза?
Живееме во прилично конзервативна средина.
Тука во Македонија доминантно припаѓаме на белата раса, но дали целосно сме ослободени од меѓурасните предрасуди? Јас мислам не.
Верувам дека тука било која девојка да прошета под рака со црнец нема да остане имуна на коментарите од случајните минувачи. Ќе има реакции како шегување на вкусот за чоколадни мажи (стереотипот во однос на големината на половиот орган кај црната раса), до највулгарни и најпростачки коментари (којзнае можеби тие се резултат на сексуалната несигурност и хендикеп во однос на црната машкост). Кога поубаво ќе размисли некој дека секојдневие ќе му стане ова, само затоа што е во врска со човек од друга раса, нормално дека од старт се откажува од помислата воопшто да биде со некој таков.
Мешаните двојки овде во Македонија сеуште се соочуваат со надворешните влијанија и притисоци, почнувајќи од семејството, до пријателите па и случајните минувачи. Колку знаеме за вакви врски? Една или две? И често во друштво се спомнуваат, за да се слушне и туѓото мислење во однос на тоа. На многу им фали потврдата од другите за да можат да го изнесат својот став.
Постои универзална нетрпеливост кон разликите и најверојатно тоа е и причината за раѓање на омраза. И не само кон црнците, туку и кон оние кои не ги осудуваат или на било каков начин се со нив.
Можам да зборувам за конкретен пример бидејќи познавам девојка која сака црни мажи и која била со црнци. Етикетирана е како спонзоруша, како лесна девојка, и затоа нашиве не и пристапуваат со почит, само затоа што била со црнец.
Не ги мразам, би можела да имам пријател од друга раса. Но такви мажи не ме привлекуваат како партнери, затоа што вкусот е во прашање.