Земја учесничка на СП - Данска
Во последните 25 години од репрезентацијата на Данска секогаш се очекува нешто значајно на големите натпреварувања. Во екипата секогаш имаат многу познати имиња, меѓутоа најчесто на завршницата на Европските и Светските првенства испаѓаа во раната фаза. Исклучок беа континенталниот шампион во 1992 година кога Данците влегоа како замена на Југославија и ја освоија титулата и Мундијалот во Франција шест години подоцна кога стигнаа до четвртфиналето и таму му дадоа сериозен отпор на Бразил. Таа генерација беше една од најдобрите на Данска, но и во сегашниот тим има исклучително добри поединци.
Данска во Јужна Африка сигурно не е во најтесниот круг на фаворити, но во конкуренција на Холандија, Јапонија и Камерун не би требало да има проблеми околу пласманот во осминафиналето. Репрезентацијата е составена од фудбалери кои веќе една деценија играат заедно, и тоа уште од доаѓањето на Мортен Олсен. Станува збор за Јоргенсен, Кристијан Поулсен, Ромедал, Кролдруп, Гронкјер, Соренсен и Томасон на кои има се приклучија нешто помлади момчиња како Агер, Кјаер и Бентнер,кој во иднина би требало да биде лидер и главна ѕвезда на данската репрезентација. Токму спојот на младоста и искуството би требало да биде главниот адут на Данците чии навивачи имаат големи очекувања од Светското првенство во Јужна Африка.
Главна карактеристика на оваа репрезентација е дисциплината, тимската игра, физичката подготовка и играта исклучиво на резултат. Уште од своето доаѓање во 2000 година селекторот Мортен Олсен ја користи формацијата 4-3-3 од која ни овој пат нема да отстапи. Во одбраната има неколку робусни и високи фудбалери така што би било голема грешка против Данска да се игра на нафрлени топки.
Навидум, Данска има идеален тим, со по барем едно познато име на секоја позиција. Се очекува на голот да биде искусниот Соренсен, кој последните неколку месеци имаше проблеми со повреда, но и имаше доволно време да заздрави. Одбраната е доста сигурна, но најсилниот дел од тимот се средниот ред и нападот. Дури Олсен ќе има големи проблеми да одлучи кој ќе биде стартер ако се знае дека во овие две линии има барем десетина квалитетни фудбалери. Тоа може да биде предност во нокаут-фазата од Светското првенство бидејќи дел од нив ќе бидат одморени кога ќе биде најпотребно
Мора да се истакне и тоа дека во актуелниот состав на данската репрезентација има голем број ветерани на кои ова им е последна шанса да направат нешто големо за националниот тим. Поголем дел од нив ќе се "пензионираат" од репрезентацијата по Светското првенство така што од може се да се очекува од четата на Олсен.
![]()