„Космофон“ дефинитивно оди на продажба. Грчките медиуми јавуваат дека телекомуникациската компанија ОТЕ избрала две фирми консултанти што треба да ја изготват продажбата на вториот мобилен оператор во Македонија.
За финансиски советници во зделката со која ќе се продава „Космофон“ избрани се британската компанија „НМ Ротшилд" и грчката „ЕТФ Телесис фајнанс“.
Продажбата на „Космофон“ на нов сопственик почна да се актуелизира откако „Дојче телеком“ ја купи ОТЕ, која е сопственик на „Космофон“ во Македонија.
Новото групирање создава монопол на пазарот бидејќи „Дојче телеком“ на пазарот во земјава работи и со „Ти-мобајл“.
Комисијата за заштита на конкуренцијата во наредниот период треба да го каже конечниот став за новото спојување.
Според информациите на А1, за купување на „Космофон“ заинтересирани се третиот мобилен оператор „Вип“ и словенечки „Телеком“.