Тадиќ и Ѓилас се замешаа во подривањето на Македонија?!
Ако во првиот случај сврзан со „Надеж“ преку висок функционер на СДСМ, Ана Павловска Данева, бевме информирани дека словенечкиот актуелен премиер Борут Пахор учествувал (советодавно и посреднички) во обидот за уривање влада во друга држава, тогаш со активирањето на „догодио се народ“ и „балван-револуцијата“ Борис Тадиќ влегол директно во подривањето на Македонија
Опасни балкански игри
По се; изгледа дека лидерот на СДСМ за џабе ни списка 340 илјади евра за неупотреблива стратегија за рушење на демократски избраната власт со се уште реално висока доверба кај населението. Словенците своите лесни пари ги заработија така што понудија австро-германска софистицирана варијанта за соборување на тврдокорната балканска власт преку разни тематски хепенинзи на аматерски НВО-дружини раководени од неуспешни режисери. Но, се чини, дека клиентот на Бихаќска имал во ракав уште еден изведувач на работи, кој е мајстор за изведба на „догодио се народ“.
Се чини дека на 25 ноември минатата година одеднаш од виенски валцер прејдовме на драгачевски труби.
Зашто она што се случуваше во вечерните часови на 25 ноември минатата година пред и во А1-телевизија нема теоретска подлога во „Надеж“. Срцевината на тоа сценарио или стратегија беа трибините, карваните, симболичните востанија со продуховени востаници - главно припадници на невладиниот сектор. Она, пак, што се случи или подобро што требаше да се случи на 25 ноември пред А1 укажува на поинаква стратегија која треба да доведе до силовито рушење на власта и преземање на контролата над институциите. За таква изведба се нужни електронски медиум, добар повод што би бил одлично спинуван, за на него да се налепи критична маса и политичка сила со добра инфраструктура. Овој вид политички изведби беа стандарден шаблон по кој беа изведувани сите источноевропски кадифени, шарени и какви не револуции кога требаше да се соборат комунистичките режими. И затоа беа успешни. Македонија, која или доцни или преранува со „ивентите“, како да има вградена фабричка грешка. Пак го промаши времето. Две децении подоцна, примената на ваквиот модел на политичка борба не само што не ги произведе истите ефекти туку се покажа поразителен по угледот и интегритетот на нарачателот, зашто нормална законска контрола од страна на институциите врз некоја фирма, која во случајов со години изигрувала екстериторијалност во однос на државата и системот, едноставно не може да биде добар повод за на Македонија да и се случи народ. Уште помалку тоа може да биде сенародно тутунарско востание и тоа, две децении откако е урнат самоуправниот социјализам.
Реконструкцијата на таа драматична вечер пред А1, „маршот на угнетените“ и тутунарските балван-изведби упатуваат на тоа дека изготвувачот на македонската „демократска“ револуција им увалил на „револуционерите“ лоша копија на сценарио на Мир-Јам по кое српската државна телевизија снима високогледани сапуници за романтични наивци, кои за големи пари им ги шиткаат на македонските неинвентивни приватни телевизии. Оваа што е предмет на нашиот интерес е тесно сврзана со делувањето на бизнисменот и политичарот Драган Ѓилас. Човекот во моментов е градоначалник на Белград и потпреседател на владејачкиот Демократски сојуз. А во Македонија има три фирми што се занимаваат со сите форми на пропаганда. „Мултиком груп ДОО“ активна во БиХ, Црна Гора и во Македонија и ја контролира продукциската куќа „Емоушн продакшн“ во која Ѓилас има 25 отсто сопственост. Врските на ДС (Тадиќ и Ѓилас) со СДСМ одат преку Аленка Димитриовски, вработена во конзуларното одделение на македонската амбасада во Белград, која е непосредна врска кон Ѓилас и Влаховиќ, а Виктор Димовски е контакт на СДСМ кон Белград, Министерството за надворешни работи, Јеремиќ и ДС. Финансиските врски на СДСМ и ДС на Тадиќ одат преку Драган Живковиќ, директор и косопственик на „Уфа медија“, Агенцијата за маркетинг „Медија хаус“ и СВРСА. Не случајно на маршот што го организираше СДСМ ја видовме пејачката Цветанка Ласкова.
Кој во Брисел ги поддржува?
Ако во првиот случај сврзан со „Надеж“ преку висок функционер на СДСМ, Ана Павловска Данева, бевме информирани дека словенечкиот актуелен премиер Борут Пахор учествувал (советодавно и посреднички) во обидот за уривање влада во друга држава, тогаш со активирањето на „догодио се народ“ и „балван-револуцијата“ Борис Тадиќ влегол директно во подривањето на Македонија. Обете замешателства значат опасни балкански игри. И нив македонската држава мора докрај да ги разголи, на нив соодветно, пред меѓународните форуми, да реагира, зашто се работи за држави кои или се или ќе бидат дел од ЕУ. Прашањето е дали, кој и зошто во Брисел поддржува вакви валканици? Валканите игри околу Македонија на ваков или сличен начин не говорат за европеизација на Балканот, туку за безобразен континуитет на навиките на некои македонски соседи и „пријатели“ да ја сметаат за паричка за поткусурување.
Ако се согласиме дека словенечката „Надеж“ е целосно разјаснета и во поглед на нарачателот, сценаристите, режисерот и глумците сосе статистите, драгачевското сценарио уште е во почетната фаза на проникнување. На пример, не знаеме со кои пари е платен умствениот труд на еден од најпаметните српски политичари од новата генерација. Кога, зошто и како Драган Ѓилас решил да ја стави во функција својата организациска, инвентивна дарба за активно учество во внатрешните работи на соседна држава? Под претпоставка дека не настапувал шизофрено само како деловен човек што се занимава со пропаганда и од тоа натепал многу пари, за неговата „деловна“ активност мора да знаел макар првиот човек на државата и негов претпоставен, Борис Тадиќ. Ѓилас, како исклучително интелигентен човек, веројатно бил свесен дека откривањето на ваков скандал во кој би бил вплеткан висок функционер на владејачка партија на соседна држава, ќе значи тешка бламажа за новата балканска политика на Србија. Нас, пак, не чека работа за докрај да ги истражиме и да проникнеме во мотивите на Белград да продолжи онаму каде што застанаа Милошевиќ и Мицотакис во деведесеттите години. Зашто анализирајќи ги настаните сврзани со 25 ноември во кои централна улога имаше А1, неминовно ќе чепнеме во традиционалните братски врски на Атина и Белград.
Неомилен партнер
Нема сомнение дека Никола Груевски за некои политичари во регионот, но и во центрите на моќ не е омилен партнер. И тоа не од демагошки причини што ни се продаваат пропагандно - дека бил недемократ и слично - туку зашто за нивни вкус не е стандарден балкански клиент (со ниска точка на топење) на какви се имаат научено, особено кога се работи за македонските политичари. „Проблемот“ со Груевски, освен неговиот интровертен карактер, необична посветеност, е и начинот на кој ги менаџира националните интереси, а е со невообичаено голем реформски капацитет.
Во разоткривањето на српското замешателство во македонските актуелни настани појдовме од неколку чудни детали за кои нема рационално објаснување. Прво, многу нападно и истрајно се врши притисок врз лидерите на ДУИ и Демократската партија на Србите да ја напуштат коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Во случајот со Али Ахмети, за негова дискредитација е активирана уличната лустрација со посредство на пензиониран агент на тајните српски (југословенски) служби кој лиферува досиеја. Во случајот со Иван Стоиљковиќ директивата доаѓа директно од српскиот државен врв, кој во март 2010 година му наредува да ја напушти коалицијата и да се приклучи на таборот на СДСМ. Како и да е, обата лидери се на тапет. Што се покажа при неодамнешниот испад на Радмила Шеќеринска во Собранието за повод, кој во најмала рака е тривијален. Стоиљковиќ рекол за Камени мост дека е „Душанов“, а тоа таа го почувствувала како навреда на националното достоинство на македонскиот народ дотаму што го испуди Стоиљковиќ од Македонија. Иако лично таа и нејзината партија учествуваа во најстрашното негирање на македонскиот идентитет и национална историја под покровителство на Грција. Невообичаен детаљ е и неодамнешното интервју на Груевски за Б92-телевизија (која е блиска до Ѓилас, а од лани е во грчка сопственост). Целта на интервјуто беше една единствена: Груевски да биде наведен да признае дека ја краде античката историја на Грција. Во Собранието на Македонија, во серија пратенички прашања до премиерот, Шеќеринска, Бучковски, Макрадули, Бендевска и преостанатите, ги интересираше само „зошто премиерот го именувал Александар како Велики, а не како Македонски“!? Дека се работи за опасна провокација веќе сме објасниле во контекст на настаните што ги очекуваме сврзани со судот во Хаг. Но не сме спомнале дека се работи за се почести катастрофални фројдовски грешки што ги прават глумците надвор од пропишаното сценарио. Како да не можат веќе да ги сокријат своите тајни еротски соништа сврзани со власта.
Нареден невообичаен детаљ што упатува на српско-грчка ујдурма е експресната промена на најновиот симбол на ресетираниот СДСМ - црвената боја. Од 25 ноември црвеното стана интензивно жолто. Жолтата боја е боја на Демократската партија на Тадиќ. Во Белград членовите на таа партија ги викаат „жолти Срби“. Жолтата боја е и заштитен знак на фирмите на Драган Ѓилас. За метлите, свирчињата, ѕвончињата и другите реквизити од времето на српските денови на отпорот нема да ве замараме. За крај, ќе спомнеме само неколку информации, кои поминаа незабележано, а се сврзани со А1 и истакнати новинари од ергелата на Рамковски. Фирмите на Ѓилас, „Дајрект медија“, „Овејшн“ и ЛМН цела година блиско соработувале со Велија Рамковски и тоа преку Млаѓан Ѓорѓевиќ, близок соработник на белградскиот градоначалник и советник на Борис Тадиќ, Драган Живковиќ, кој ги менаџира интересите на фирмите во Македонија и српскиот амбасадор во Македонија, Тома Ѓурин, бивш воен аташе во Израел и учесник во скандалот околу закупувањето на израелскиот сателит што предизвика афера тешка седумдесетина милиони евра се преостанатиот дел од тимот. Хонорарот за ПР-услугите и сценариото, според некои информации, требало да биде наплатен преку откуп на српските мегахит-сапуници во А1. Како на пример, „Ранетиот орел“, кој по пропаста на „револуцијата“ итно и беше продаден на Сител.
Во февруари 2010 година новинар од А1 што води „независни“ проекти, директно му пренел порака на Иван Стоиљковиќ „да се подготви за рушење на Груевски и Ахмети зашто се работи за потребата од промена на името на државата и да чека да добие инструкции од Белград“. Некој ден пред да се случи настанот од 25 ноември, главните уредници на Алфа, „Вест“, „Утрински“, Алсат и „Дневник“, заедно со Чадиковски и со Геровски биле на заеднички ручек со лидерот на опозицијата и Рамковски. Геровски во својата „острилка“ од 30 ноември 2010 година вели дека нема да ја открие содржината на разговорот зашто бил дискретен, но ги потсетува присутните што ја предале „револуцијата“ дека на тој работен состанок „јаделе“ многу повеќе од него и во квалитет и во квантитет.
Купува иљачи на слепо
Ако некој се прашува зошто во Македонија со големо задоцнување на купче се испробуваат рецепти што биле пропишувани за друга болест, во друго време и за поинакви пациенти, одговорот би бил зашто македонскиот пациент не смее ни во лудило да ја соопшти јавно природата на својата болест. Купува иљачи на слепо. Едноставно, во Македонија нема никаква диктатура или режим, туку власт која е избрана на легитимни избори и со релативно стабилно висок рејтинг наспроти опозицијата и по пет години владеење. Таа власт не е ни совршена ни безгрешна, ама е првата која спроведува реални и болни реформи, а потребни за евроинтеграциите. Тие не секогаш и во секоја фаза се успешни, но се видливи со голо око. Реформските потфати во континуитет не ги поддржува, ги опструира и ги вулгаризира не власта, туку опозицијата, што е крајно невообичаено. Но е корисно како сознание зашто на тој начин општеството ги откри сите антиреформски тврдини - од Уставниот суд, преку судството, јавното здравство до Државниот универзитет. Нивните мотиви се обратни од прокламираната цел за евроатлански интеграции на државата. Тие сакаат во ЕУ и во НАТО дури и без име на народот и државата, дури и без држава, ама со сите нивни стекнати позиции и привилегии по балкански стандарди. И тоа е крајно загрижувачки.
Автор: Мирка Велиновска
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=11711842133&id=9&setIzdanie=22183