38
ПРВИТЕ ПЕЧАЛБАРИ ВО САД СЕ ИЗЈАСНУВАЛЕ КАКО МАКЕДОНЦИ
Меѓу 1904 и 1909 година од Македонија во САД заминале околу 60 илјади млади Македонци, вели американскиот професор д-р Кид Браун
Македонските печалбари, кои во почетокот на минатиот век веднаш по Илинденското востание заминувале за Америка, при стапнувањето на американска почва се определувале како Македонци. Меѓутоа, подоцна, кога официјалните власти ги правеле списоците на новодојдените, ги регистрирале или како Бугари, или како Срби, или пак како Грци, прецртувајќи го зборот Македонец. Ова се сознанијата до кои дојде, по повеќегодишните истражувања, Кит Браун, вонреден професор на Универзитетот „Браун“ во Пенсилванија и истражувач на Институтот за меѓународни студии во Вотсон.
Според него, тогаш имало масовни преселби на луѓе од Македонија во Америка. „Сигурно, тоа било резултат на големата криза што ја зафатила Македонија. Некои од нив бегале преку океанот плашејќи се од Турците по Илинденското востание. Само во 1906 година пристигнале околу 20 илјади, а од 1904 до 1909 година над 60 илјади луѓе. Тоа биле, главно, мажи меѓу 13 и 40 години. Пропорционално, според тогашниот број на жители во Македонија, тоа е многу голема бројка“, вели д-р Браун.
ДОКАЗИ Американскиот професор посебно подвлекува дека не може со сигурност да каже дали тие што се определувале како Македонци го правеле тоа поради територијалната припадност или, пак, поради тоа што така се чувствувале. Меѓутоа, тој смета дека во конкретниов случај мора да се биде искрен и да се констатира дека тие во првите документи се декларирале како Македонци. Подоцна тогашната американска влада, со консултации на разни експерти, правела списоци на луѓето што пристигнувале и од која држава доаѓаат. На тие списоци американските експерти не ги ставиле Македонците како посебен народ.
„Меѓутоа, од оригиналните документи може да се види дека има траги за нешто друго. Во секој случај, тогаш многу луѓе се определувале како Македонци. Јас не сакам да кажам дека тоа мора да имало врска со нација и народ во најмодерна смисла на зборот. Ова е доказ за нешто“, подвлекува професорот Браун и додава дека е интересно прашањето кој сакал да ги преименува, зошто и кому му користело тоа?
За тоа дека многу луѓе коишто ги напуштале македонските простори и во потрага по парче леб заминувале преку океанот и таму се определувале како Македонци, а не како Грци, Бугари или Срби, професорот Кит Браун нуди и други докази. Истражувајќи го посебно животот на македонските печалбари доселени во градот Стилтон, во Пенсилванија, кои главно имале потекло од Прилеп и Прилепско, дошол до интересни сознанија дека тие на надгробните плочи на починатите пишувале дека се Македонци.
Идентитетот не е работа на историчарите
Опсесијата со нацијата е опасна работа
„Нема чиста нација во светот. Ниту еден народ не ги исполнува сите критериуми за нација. Ние денес треба повеќе да размислуваме за тоа колку е опасна идејата за нацијата отколку за самата нација. Опсесијата со народ, со нација е опасна работа. Тоа се многу лоши работи, не само на Балканот, туку воопшто во светот, и во Англија и во Америка и во сите други демократски држави, секаде. Поважно е да ја користиме историјата за критика на идејата за нација, а не само да ја прифатиме идејата и да бараме критериуми за да ја задоволиме.
Од голема важност е покритички да се осврнеме на идејата за состојбата во државата и да ја предизвикаме таа идеја, наместо само да ја прифатиме состојбата во државата. Тоа е нешто реално и треба да се направат обиди да се постигне тоа. Тоа е и проблем кога се прават обиди да се искористи историјата. Прашањето за идентитетот не е за историчарите. Борбата нема врска со минатото, туку со иднината“, вели д-р Кит Браун.
НАДГРОБНИ ПЛОЧИ „Јас соработував со познатиот американски професор Борза, кој главно ја истражува античката историја, а сега се интересира и за прашањата во врска со Македонија. Ние заедно со него бевме на гробиштата во Стилтон. На надгробните плочи на доселените од Македонија пишуваше дека погребаните биле Македонци. Тие надгробни плочи се од 1921 година, но имаше неколку од поранешните години. Професор Борза беше искрен кога им одговори на Грците на нивните тврдења дека биле наследници на антички Македонци, дека Македонија била грчка. Тој јавно им кажа дека денес тешко може да се тврди како пред 2.000 години се чувствувале тие луѓе“, објаснува американскиот професор.
Професор Браун зборува и за проблемите што ги имале македонските печалбари во новата држава. Во 1907 година, кога Америка ја зафатила криза, доселените од Македонија, поради тоа што последни пристигнале преку океанот, први ја губеле работата и први морале да се враќаат назад во Европа, за разлика од доселениците од Германија, Англија, Велс, кои таму стасале порано и биле успешни.
„Ова се моите први сознанија за македонските печалбари. Во последно време ми е многу полесно зашто преку неколку веб-сајтови можат да се пронајдат многу повеќе податоци за тоа кои се Македонците што стасале во Америка. Но, сега се судрив со други проблеми, поради што и немам голем прогрес во истражувањата. Сфатив дека сите документи не можам да ги прифатам како веродостојни. На пример, неодамна ја читав автобиографијата на американскиот писател Стојан Христов кој е со македонско потекло, роден во Кономлади, Егејска Македонија, и кога направив споредба на тоа што го пишува тој за тоа како стигнал во Америка со официјалниот документ утврдив дека тој патувал со пасош на некој друг. Тоа дека многумина македонски печалбари патувале со туѓи пасоши ми го потврди и еден друг Македонец. Држев предавање во Чикаго за македонското печалбарство, а да слуша дојде и еден постар Македонец, кој заедно со синот возел три часа само за да дознае нешто за Македонија. По предавањето, дојде кај мене и ми рече дека и неговиот татко во САД дошол со туѓ пасош. Постојат сигурни докази дека македонските печалбари штом ќе стигнеле во Америка ги враќале назад пасошите за да дојдат други со нив. Тоа лесно можело да го изведат, бидејќи американските службениците не обрнувале многу внимание кој и со каков пасош влегувал. Протокот на луѓе бил толку голем, така што контактот со нив не траел повеќе од триесетина секунди. Поради патувањата со туѓи пасоши, не можам да ги следам нивните индивидуални животни приказни, а тоа како научник најмногу ме интересира“, вели американскиот професор.
ИНДИВИДУАЛНИ СУДБИНИ Д-р Браун посебно се интересира за судбините на македонските печалбари во Стилтон. Истражувајќи го нивниот живот дошол до сознание дека во 1948 година меѓу нив имало големи несогласувања. Го спомнува случајот на еден Македонец кој убил двајца свои соседи, исто така доселеници од Македонија, за време на еден состанок во нивната црква во Стилтон. Подоцна бил осуден на смрт, а случајот добил голема гласност во американската јавност.
„Јас го најдов документот од судскиот процес и во него може да се дознае нешто за историјата на Македонија поврзана со Бугарија. Од овој случај може многу повеќе да се разбере и за македонското иселеништво. Убиството било извршено од политички, но и од лични причини. Вмешани биле три страни. Една група била со попот кој се презивал Наков и кој бил дојден од Торонто, Канада. Во спорот било инволвирано и влијателното семејство Минови. Се расправале околу тоа дали да прифатат нов поп од Бугарија или не? Убиецот се викал Ѓорѓи Минов“, додава д-р Браун.
Американскиот професор планира и натаму да ги истражува иселениците во Стилтон, колку тие луѓе се чувствуваат како дел од македонскиот народ, колку се сметаат како американски граѓани, колку и' се лојални на државата во којашто живеат, каков е нивниот однос кон татковината каде што биле родени нивните дедовци и прадедовци? Меѓутоа, пред се', сака да ги следи нив како поединечни личности. „Засега не можам да го правам тоа успешно, бидејќи пасошите со кои допатувале во Стилтон не се совпаѓаат со нивните вистински имиња и презимиња. Покрај тоа, тие понекогаш ги користеле вистинските презимиња, а другпат имињата на нивните татковци“, ги објаснува американскиот професор проблемите со кои се судрува.
Д-р Браун не сака да говори за негирањето на македонското малцинство во Грција, зашто вели дека тој е историчар, а не политичар. „Пред пет години бев во Егејска Македонија и знам луѓе кои се чувствуваат како Македонци или, пак, знаат дека имаат македонско потекло, дека имаат нешто што не е грчко. Кога бев професор во Англија имав студент кој беше дојден од едно село во Грција. Се чувствувал Грк, но подоцна сфатил дека неговите родители, неговиот дедо и баба зборувале јазик кој не бил грчки. Се интересираше за неговите корени. Има доста млади кои бараат да ја дознаат вистината за тоа што биле нивните предци“, подвлекува професорот Браун.
Организирањето на ВМРО предизвик за истражување
Верноста во идејата поважна од идентитетот
Кит Браун докторира на тема за Илинденското востание. Тој и натаму го истражува овој период од македонското минато, посебно биографиите на илинденците. „За мене многу интересна е организационата поставеност на Внатрешната македонска организација, како функционирала таа? Се знае дека ВМРО беше држава во држава и го подготвуваше народот за самостојна Македонија. Тогаш постојано се говорело за верност, збор кој за мене е поважен од идентитетот. Верност значело градење цврсти односи меѓу луѓето, што било најважно во тоа движење. За мене има место повеќе да се интересирам за верноста што владеела во организацијата отколку за тоа каков идентитет имале тие луѓе. Идентитетот може да биде нешто лично, внатрешно. Јас можам да кажам дека сум Македонец, но тоа не значи дека со тоа можам да направам нешто. Ако се заколнам на верност, значи дека ќе правам нешта. На пример, во ВМРО имало курири и јатаци. А за да се регрутираат тие и да се натераат да ги чуваат тајните – била потребна верност. За тоа не е доволно да имаш идентитет, треба да веруваш во идејата и во целта што треба да се оствари“, подвлекува професорот Браун.
Тој притоа додава дека треба да се има предвид и фактот дека организацијата, за да ја зацврсти верноста, користела и сила. „Ако некој бил предавник - го ликвидирала. Иако тоа е насилство, сепак, во тоа имало нешто позитивно од конструктивен аспект“, смета д-р Браун и додава дека и македонските печалбари во Америка се организирале слично како ВМРО. Тоа биле млади луѓе, главно, мажи. Заедно живееле и меѓу нив имало голема доверба.
Д-р Браун на Универзитетот „Оксфорд“ имал неколку предавања за верноста на македонските револуционери и предвидува на таа тема да издаде книга. „Со историјата нема крај, колку повеќе истражуваш, толку повеќе доаѓаш до сознание дека таа нема крај. Колку стареам, толку повеќе сфаќам дека помалку знам отколку што сум мислел дека знам“.