Кој ги формира "Бали комбетар" и против кого тие се бореле и војувале?
На 8 септември 1943 година Абвер, военоразузнавачката и контраразузнавачката служба на Вермахтот, формира три контрачети (балистички формации) од заведено албанско население, за борба против единиците на НОВ во Скопска Црна Гора. Тие балистички формации уште на 11 и 12 октомври 1943 година, заедно со бугарски фашистички полициски сили на терените на Скопска Црна Гора воделе борби против Скопско-кумановскиот партизански одред. Притоа, од балистичките формации биле убиени 14 селани, како одмазда што не успеале да го уништат партизанскиот одред. Нашата историографија има забележано дека подоцна, до крајот на 1943 и во текот на целата 1944 година, балистичките формации во соработка со бугарските фашистички сили континуирано водат борби против партизанските единици. Во интерес на просторот ќе споменам само некои од нив: кај селото Вејце, во месноста Царева Ливада, на патот Тетово - Качаник кај село Вратница, во реонот на селата Грачач, Крушопек, кај с. Матејче, Орман, Бразда, потоа кај Бајрак, Било, Пупљак, Рамно и Црн Камен, кај Качаничката Клисура кога 16. партизанска бригада заробила околу 500 балисти итн. За борбените активности на партизанските единици против балистичките формации и балистичките злосторстав во западна Македонија има голема документација во ИНИ и во Архивот на Македонија, а уште повеќе во Белград, но просторот не дозволува поопширно да се осврнеме. Се ограничив само на дел од скопските активности на партизанските единици против балистичките формации. По борбите кај Ѓорче Петров, балистичките формации во ноември 1944 година биле разбиени и ослободувањето на Тетово било речиси без отпор. Од балистите таму се бараше само да го предадат оружјето и потоа биле ослободувани. Околу пет илјади балисти биле мобилизирани и испратени со возови за да се борат на Сремскиот фронт против дотогашниот нивни сојузник - германските сили. Но, од нив половината дезертирале до Куманово и во Ристовац. Во Белград стигнале само 1.500 балисти. Еден дел од нив, кои пред тоа не ги окрвавиле рацете добиле статус на борци.
Факт е, исто така, дека македонската историографија меѓу дејноста на балистичките формации и албанскиот народ не прави равенство. Напротив, тоа е барем општо познато, НОБ соработуваше и со албанскиот народ. Основната идеологија на НОБ беше социјално и национално ослободување на сите народи и малцинства што живееја на овие простори. Првиот скопски партизански одред и по национален состав и беше одраз на сите граѓани што живееја во Скопје и Македонија. Во него учествуваа, покрај Македонци, и Срби, Турци, Албанци и други.
Од расположивата документација може да се види дека на 6 јануари 1942 година, првиот комесар на Првиот скопски партизански одред "Дане Крапчев", со уште двајца членови на одредот: Трајко Стојков и Александар Урдаревски отишле во село Кондово, за да се поврзат со НО движење во селото. Веселинка Малинска, како секретар на Месниот комитет на Скопје, по смртната пресуда од бугарскиот окупациски суд во 1942 година, пред да се приклучи во партизанските одреди се криела во Танушевци и други албански села. Некои албански идеолози и историчари, наместо да извлечат поука од недалечното минато и тие да ги осудат заведените балисти, кои им служеа на фашистичките окупатори, служејќи се со разни фалсификати, тие настојуваат да ги рехабилитираат. Тоа демократскиот свет нема да им го прифати.