Муштерии
Германскиот ВАЦ е сопственик на Дневник, Утрински и Вест. Нивна е најмоќната печатница за весници во Македонија. Само тие имаат целосна дистрибуција на весници. На граница се на монопол. Другите зависат од нив.
ВАЦ, среде економска криза во Европа, реши да доинвестира 40 милиони евра во своите весници (Дали и телевизија во Македонија?!) низ регионов. Нема економска логика во ова. Тиражите на весниците стагнираат или паѓаат, а реклами има се помалку. Профитот е се помал. Нема причина за инвестирање. Само Утрински, еден од весниците на ВАЦ, има кумулирана загуба од над 3 милиони евра! Значи, нема никаква логика да излегува, а камоли да се инвестира во него дополнително.
Зошто тогаш ВАЦ доинвестира во весниците?!
За да го зајакне јавното и политичко влијание на германскиот медиумски гигант. Ова влијание, потоа, како расположлива моќ ќе се продава на заинтересирани страни: од Грци заинтересирани за името, до ММФ заинтересиран да ни утрапи колонијален кредит, до лобистите за Голема Албанија заинтересирани за својата кауза... ВАЦ им стои на располагање. Парите кои се инвестирани, природно, мора да се вратат. А пазарот не ги враќа со комерцијално работење. Муштерија не им е читателот, туку нарачателот.
Медиумите кои се основани од македонски капитал немаат милиони евра за доинвестиции, како ВАЦ, и ќе трпат пазарни последици. Сега секому е јасно зошто медиумите на ВАЦ, и на Сорос, се против владините реклами од кои, како-така, се покрива дел од трошоците на медиумите. За да ги нема на пазарот тие легални пари. Пари од кои преживува конкуренцијата на ВАЦ, и Сорос.
Тоа е првата причина зошто Дневник, Утрински и Вест толку доследно, до невротичност нападно, напаѓаат се што работи Владата, напаѓаат се што е македонски идентитет: од вера до културни споменици, од намера да се опстане без кредитите на ММФ, до референдум за името... ама баш се! Без исклучок. Се форсира ризична провокација: ако се гради црква, ќе мора, и тоа на исто место, да се гради и џамија. Повик ли е тоа на реванш: да се урне Скендербег. И признавањето на Косово. И Рамковниот... Мнозинството Македонци се против сето тоа што, патем, им носи задоволство на мнозинството Албанци.
ВАЦ и Сорос свесно форсираат ваков контролиран хаос, зависно општество без сопствена, генеричка морална и етичка структура. Контаминирано од провокациите на ВАЦ - трговците, кои работат за ним познат муштерија. А муштеријата очекува да му се испорача политика од негов интерес.
Најпосле, муштеријата е секогаш во право.
Втората причина за невротичните напади од општа пракса врз се што е етнички македонско, а политички владина иницијатива, е повредената суета на директорот на ВАЦ (Дневник, Утрински и Вест), Срѓан Керим. Не стана претседателски кандидат. После се што поседуваат во Македонија, на ВАЦ им фалеше и нивни, сопствен Претседател. Не им се потрефи, и лути се.
Трговец, како ВАЦ, со македонските интереси е и Сорос, Институт за отворено општество. Сорос со свои пари учествувал во создавањето на Дневник, и А1 Телевизија. Најголем дел од македонските медиуми се странски инвестиции. Со свои интереси, и со свои муштерии. Од битните телевизии само Сител и Канал 5 се од автентичен, македонски капитал. Од познатите дневни весници, со македонски капитал се само Вечер и Нова Македонија. И толку.
Европа нема ваква пракса: убедливо мнозинство на медиумите да бидат во странски раце. Секоја држава создава јавност согласно општите демократски принципи, но и автентичните национални потреби. Саркози годинава ќе потроши милијарда евра за поддршка на автентично, капитално француските медиуми.
Македонската јавност е контаминирана од странски политички интереси кои, преку доминација на контролираните медиуми, тежнеат да создаваат и соборуваат Влади. Зависно од тоа што е потребно за нивните муштерии.
Изведувачи на работите се наши, домашни ликови.
Во тек се три проекти: Прво да се натера Владата да земе кредит од дури половина милијарда евра од папсаниот, и општо непожелен ММФ.
Второ, да се натера Груевски, без референдум, да прифати промена на уставното име. Со ова да му падне националниот и политички углед, што директно го промовира Црвенковски, и СДСМ, како следна власт, пожелна за муштериите. Повторно, од странство наметната власт на СеДеСето.
Дали, алтернативно, ќе ни стокмат нова војна за власт на Бранко?
Трето, да се провоцира ДУИ дека не ги презентира доволно албанските интереси, и затоа треба да ја напушти Владата. Да го собори Груевски.
Тоа се тера за потреби на муштериите.
Дури, теоретски, и да падне оваа Влада која зад себе има свои 64 пратеници... барем теоретски да замислиме. Тоа значи насилно селење на најголемата политичка моќ во земјава од изборна власт - на улица.
Не би сакал да бидам идна власт во такви околности. И, најпосле, дури и вака да се врати СДСМ на власт, насилно донесени од странските нарачатели за без референдум да го сменат името, и да потпишат кредит од пола милијарда долари, ВМРО-ДПМНЕ нема да ги гласа уставните промени на името.
Најголемата политичка моќ ќе биде на улица...
Ќе владеат 28 албански пратеници, и 18 од СДСМ...
Па ти сега претпоставувај што следи.
Драган П. ЛАТАС