МАКЕДОНСКАТА ДИПЛОМАТИЈА ОД ОСАМОСТОЈУВАЊЕТО
Црвенковски заминува од функцијата претседател на Македонија со 12 посети на држави членки на НАТО и Европската унија, од кои само девет се евидентирани како официјални, а три како работни посети.
Во петгодишниот мандат како претседател, Црвенковски од моќните европски дипломатски центри ги посетил само Рим и Берлин, но патувањето во Германија во дипломатскиот листинг се води како работна посета.
Во оваа анализа не се опфатени останатите посети на држави од регионот и држави кои се надвор од границите на НАТО и Европската унија, како и учества на меѓународни конференции.
За мандат од пет години, токму во период кога Македонија на дипломатски план активно требаше да бара поддржувачи, претседателот Црвенковски немал посета на Франција, на Велика Британија, но интересно, ниту на македонскиот, како што го нарекуваат стратешки партнер, Соединетите американски држави.
Овие бројки и податоци се само вовед во анализата на Сител за македонската дипломатија, која доколку внимателно ја погледнете ќе забележите поразителни податоци. Дури во десет држави членки на НАТО и на Европската унија, за 19 години македонска дипломатија, ниту еден претседател и премиер не заминал во официјална посета. Меѓу нив се и влијателни центри, како на пример Шпанија, Данска, Романија и интересно Грција.
Споредбените податоци до кој дојде Сител, покажуваат дека најактивен македонски претседател бил Борис Трајковски. Во неговиот мандат остварил 20 посети на држави членки на НАТО и ЕУ. Токму тој бил последниот што како претседател имал посета на Америка во 2002-та. Иако во протоколот не се евидентирани како официјални посети, сепак Трајковски дури три пати во три години отпатувал во Велика Британија.
По цели десет години независна држава, Трајковски бил првиот претседател кој ги посетил, Норвешка, Португалија, Белгија, Словачка и Унгарија.
Неговиот претходник, Киро Глигоров, за два претседателски мандата имал околу 20 посети на 12 држави членки на Европската унија и НАТО.
Интересен е податокот кој покажува дека Глигоров имал добри дипломатски контакти со Франција. Остварил дури 4 официјални средби од 1993-тата до 1999-тата. Трајковски го продолжил тоа темпо, со официјална посета во 2001-та, но од тогаш до денеска на претседателско ниво нема официјални посети.
Во меѓувреме Франција, а особено пред Букурешт, јасно застана зад Атина во спорот за името.
Извор СИТЕЛ
Во 5 години 9 посети ...