Лопати може, шини не може
Кога скопскиот градоначалник Трифун Костовски пред околу три години кажа дека ќе работи на проектот Скопје да добие трамвај како алтернативен превоз, никој не му веруваше. Луѓето се чудеа и се потсмеваа со таа идеја, сметајќи ја за невозможна мисија, споредувајќи ја со изградба на космодром во земјава. Но по триесетина месеци студии, истражувања, подготовки, процени и каква ли се не папирологија, се обезбедија осум милиони евра во градскиот буџет и се распиша тендер за да почне изградбата. Но жителите на главниот град сепак нема да добијат трамвај. Барем не наскоро. Проектот пропадна, ниту една фирма не се пријави на повикот откако антикорупциската комисија испрати предупредување дека распишаниот тендер е незаконски затоа што е објавен по 10 јануари, кога се приближувала предизборната кампања. Според антикорупционерите, спроведувањето толку голем проект во услови кога има избори може да влијае врз определбата на гласачите, како еден вид кампања, а за неа е недозволиво да се финансира со народни пари.
Но, наместо модерен шински превоз (каков што барем се најавуваше), Скопје ќе добие модерен (додуша малку старомоден) објект за Уставниот суд, Архивот и за Археолошкиот музеј, кој почна да се гради меѓу двата круга избори. Во исто време се удираат камен-темелниците и на зградата на Филхармонијата и на новиот Драмски театар. За време на кратката тринеделна кампања почнаа (барем почнаа) да се градат водоводи, патишта, тротоари и што ли уште не. Лопати на сите страни. Првата за некој од Владата, најчесто за премиерот Никола Груевски, а на вторите им се редат попови, па потоа градоначалници и други службеници. Иако беше повикана, антикорупциската комисија сè уште не се изјасни дали владино-локалната „лопатијада“ влијае врз определбата на гласачите, бидејќи и за неа најчесто се трошат народни пари.
Скопје треба да добие и двокатни автобуси, со уште еден старонов проект, кој на магичен начин треба истовремено да нè одведе 50 години наназад и 10 години нанапред. И ова е проект на Владата преку Министерството за транспорт и врски. По неколку неуспешни обиди, последниот тендер за 302 двокатни автобуси се распишал на 13 март, кога предизборната кампања ја достигнуваше кулминацијата. Изборите не беа пречка ниту за тоа. Антикорупционерите ги нема никаде да се изјаснат за овој случај, но и да се јават најверојатно само ќе кажат дека проектот е од порано и дека не бил почнат пред изборите.
Што е разликата меѓу лопатите со панделки и автобусите од една и трамвајските шини од друга страна, што комисијата што себеси се нарекува антикорупциска кај едните не наоѓа никаква корупција, а другите ги оцрнува и им се заканува со поведување постапка за кривична одговорност? Единствено што првите проекти ги спроведува владејачката партија, а вторите некој што не е нејзин член. Толку ли се гладни овие властодршци за собирање лаври од сите можни проекти, што ги користат сите средства за да не остават ниту еден, барем овенат, лавров лист за некој друг? И дали претходно споменатата комисија е свесна дека со овие свои потези остава впечаток дека се става целосно во таа функција?
Сè појасно станува зошто на народот му се стемнува кога се наближуваат некои избори. Порано се знаеше. Багери излепени со плакати од некој кандидат на големо асфалтираа селски, а богами и градски патишта. Потоа сето тоа се забрани и беше речено дека никој не смее ништо да прави. Сè да се стави во мирување. Сега, пак, седиме на два стола. Тоа што за едни е дозволено, за други е коруптивно. Без разлика што постои изборна кампања, тој што е избран за функционер, за градоначалник или за друга позиција, треба да си ја врши работата до последниот ден до кога му трае мандатот. Никакви избори не треба да бидат пречка за долгоподготвувани проекти, чиј почеток или завршница се погодиле среде кампања. Народот не е толку наивен како што мислат политичарите. Граѓаните знаат да ги препознаат задните намери во секој проект, ако ги има.
Трамвајот е само еден од примерите што покажуваат дека градиме држава за четири години. За еден мандат. Што и да направи еден функционер, владин или локален, тој што ќе дојде по него ќе го растури тоа и ќе почне одново. Потоа третиот, или во некои случаи првиот како повратник, ќе го растури неговото. Кратката историја како независна држава ни се состои од тоа кој кого и за што сè надитрил. Во такви услови граѓаните се најголемите губитници, но се лаже тој што мисли дека во таквата игра успеал и да ги надмудри.