Се гласаше и за Алекс Фергусон, за Чак Норис, за Бог, за „Виножито“...Се гласаше и за Алекс Фергусон, за Чак Норис, за Бог, за „Виножито“...
Автор: Фросина Цветковска
Партијата на Македонците од Грција „Виножито“ и здружението на Македонците во Бугарија ОМО „Илинден-Пирин“ се најдоа први на гласачките ливчиња за избор на градоначалник на Скопје. Незадоволен од понудата на кандидати на завчерашните избори, некој гласач со пенкало ги допишал имињата на двете партии. Во една општина во главниот град, пак, како кандидат се појави и Алекс Фергусон, тренерот на фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед. Оние кои немале конкретен предлог за дополнување на листата го дале своето мислење за понудените кандидати. „Не гласам за ајдуци“, „сите сте за никаде“, „проститутки“ пишува на ливчиња во неколку скопски општини.
И податоците од Државната изборна комисија покажуваат дека бројот на гласачи во Скопје што не можеле да се одлучат за кого да го дадат својот глас е поголем во споредба со минатите локални избори. Според ДИК 12.451 гласачко ливче било неважечко односно околу 5,5 проценти. На изборите во 2005 пак тој процент изнесувал 1,9.
Членови на избирачки одбори во неколку општини во Скопје велат дека и тие се изненадени од големиот број неважечки ливчиња, но дека за разлика од минатите изборни циклуси, граѓаните помалку ги допишувале своите сугестии. Најчесто граѓаните што сакале само да го искористат своето гласачко право без да гласаат за конкретен кандидат ги пречкртувале ливчињата.
Но, мислења има и за изборот на претседател на државата. „Сите сте за никаде“ одлучил да им порача гласач во една скопска општина. На некои од неважечките ливчиња, велат од избирачките одбори, како кандидат за шеф на државата бил допишан и заокружен амбасадорот Срѓан Керим кој се откажа од претседателската трка уште пред таа да почне. Една од главните ѕвезди уште пред денот на гласање, пак, беше и холивудскиот актер Чак Норис. На социјалната мрежа Фејсбук постои и група што е именува „Гласај за Чак Норис“, па ваквата „кампања“ резултирала тој да се најде допишан и на некои неважечки гласачки ливчиња.
Во источниот дел од земјава гласачите одлучувале за претседател да го кандидираат и Бог. „Не заокружувам никого, гласам за Бог“ пишува на неважечко ливче во Кочани. Членови на избирачките одбори велат дека на некои ливчиња до имињата биле напишани крстови.
При броењето на гласовите тие често читале и навреди за кандидатите.„Торлаци“, „глупаци“ пцости и други вулгарности дел од гласачите одлучиле да напишат до имињата на кандидатите.
Годинава поголем е и бројот на неважечките ливчиња за избор на претседател на државата. Според ДИК, неважечки се околу 3 проценти, што е речиси двојно повеќе од минатите претседателски избори. Во 2004 година при изборот меѓу Бранко Црвенковски и Сашо Кедев околу 1,7 проценти од излезените гласачи решиле да не му го дадат својот глас на никого.
И тогаш на изборите граѓаните ги наведуваа познатите музичари како Џими Хендрикс, ликовите од цртаните филмови, американскиот претседател Џорџ Буш итн. Иако во 2004 година не беше кандидат, на ливчињата се сретнуваше и името на Љубе Бошкоски, најчесто напишан под прекарот Брат Љубе.
НОВА МАКЕДОНИЈА 