Владата му се извини на „Дневник“
Владиниот портпарол Шефик Дураку вчера со писмен допис јавно им се извини на редакцијата и на читателите на „Дневник“ за скандалозното барање список со имиња и телефонски броеви на сите новинари на весникот. Тој му се извини и на шефот на кабинетот на премиерот Мартин Протоѓер бидејќи неосновано го спомнал во изјавата за „Дневник“.
„Во врска со написот што се однесува на списоците со новинари, би сакал да информирам дека станува збор за едно големо недоразбирање. Истовремено, сакам да ве информирам и да потврдам дека се работи за грешка на службата за односи со јавноста при Владата, со која Мартин Протоѓер нема никаква врска“, се вели во дописот од портпаролот на Владата, Шефик Дураку.
Со своја изјава се огласи и Мартин Протоѓер. „Никогаш ниту сум побарал ниту ми се потребни списоци со имиња и броеви на новинари. За оваа активност на Службата за информирање на Владата прв пат дознав од написот на ‘Дневник’. Ме чуди зошто никој не се обиде да ме контактира и да ме праша дали таквата информација е вистина или не, особено кога се однесува на мене“, напиша Протоѓер во својата реакција.
Во петокот прво неколку пати телефонски се јавија службенички од Владата и бараа список со сите новинари на „Дневник“, но не знаеја да објаснат зошто нивните претпоставени го бараат тоа. Владиниот портпарол Шефик Дураку телефонски ни „појасни“ дека списокот го барал Мартин Протоѓер.
- Мислам дека му требаат за брифинзи - објасни Дураку.
Барањето подоцна ни беше испратено и во електронска форма. Во него се вели: „Почитувани, во рамките на редовното ажурирање на списоците со новинари вработени во печатените и во електронските медиуми, Ве молиме, да ни доставите список со име и презиме на новинари што се вработени во вашиот дневен весник. Благодариме на соработката“.
Маријана Марушиќ, директорка на Дирекцијата за заштита на личните податоци, вели дека Владата може да бара податоци од редакциите за имињата и телефонски броеви на новинарите само ако за тоа има законска основа, која мора да биде посочена во писмено образложено барање. Ако нема законска основа, барањето е спротивно на Законот за заштитата на личните податоци.
- Според Законот за заштитата на лични податоци, може да се даваат податоци на користење само ако писмено се образложени причините. Образложението мора да биде дополнето со посочување законската одредба врз основа на која институцијата, во случајов Владата, ги бара податоците за имињата и телефонските броеви на новинарите. Се' друго е проблематично - вели Марушиќ.Таа објаснува дека не тој што бара, туку тој што дава податоци спротивно на законот ги крши правата на заштита на личните податоци.
- Секој може да бара сешто. Ако редакцијата ги даде податоците кога во барањето не е дадена законската основа за тоа, таа ги крши правата на своите вработени за заштита на личните податоци. Евиденцијата на податоците на своите вработени е само за потребата на редакцијата. Тие може да му се дадат на друг само со согласност од сите новинари. Ако некоја редакција ги дала податоците без согласност на новинарите, тие може да поведат постапки ако сметаат дека им се повредени правата, а податоците злоупотребени - објаснува Марушиќ.Претседателот на Здружението на новинари, Роберт Поповски, најавува дека ќе реагира на ваквата постапка на Владата, откако ќе провери дали од сите медиуми се барани вакви податоци.
- Сметам дека ова е скандалозна постапка. Мотивот на Владата не го знам, но каков и да е, ни таа ни други институции немаат право да бараат списоци со имиња и телефони на новинари. Во ниту еден закон не е дадена ваква можност. Веројатно е некаква авантура на Владата. Медиумите имаат легитимно право да акредитираат новинари, кои ќе ја следат работата на Владата, на Собранието и на други државни институции или органи и се доставуваат само нивните имиња - вели Поповски.