Прво имаше прилог на Алсат, па сега еве го и текстот од весникот Вечер.
Охриѓанецот Ратко Ѓорѓевиќ-Рац досега има направено осум иновации на грејни тела кои
заштедуваат електрична енергија и до 70 проценти, но нема интерес кај фирмите за откуп на иновациите. Грејните тела кои се негов личен изум остануваат единствено да го топлат неговиот дом. 60- годишниот иноватор првиот уред за греење го направил во далечната 1970 година, но и до ден-денеска го чува само како драг спомен на неговите почетоци. Вели дека иако е свесен што единствената придобивка е заштедата на електрична енергија во неговиот дом, работи на нови изуми, а од осумте иновации само една е патентирана од страна на Републичкиот завод за патентирање.
- Греење со мермер е единственото мое откритие кое е патентирано. Работи на тој принцип што помеѓу две мермерни плочи има вжештено улје. Воздухот кој издувува од задната страна има температура од 45 степени, а од предната дава топлина од 90 степени. Потрошувачката е 500 вати за 60 минути, а постигнува температура од 22 степени во простор од осум квадратни метри - вели Рац.
Пронајдоците на охридскиот иноватор се уште не побудиле интерес кај фирмите за откуп на некоја од иновациите
кои чинат по 50.000 евра.
Ако овие уреди влезат во сериско производство, ќе чинат само стотина евра, а ќе бидат со голема заштеда на електричната енергија.
Еден од изумите на Рац е и автоматскиот електронски конвертор кој работи со четири грејачи. Двете шипки работат една минута, а потоа електрониката ги командува другите две. По затоплувањето електрониката исклучува и повторно се повторува процесот со турбината. Заштедата на електрична енергија е 75 отсто, односно ако сте плаќале струја 2.000 денари со оваа иновација ќе платите 1.100 денари.
За свое ремек-дело Ратко Ѓорѓевиќ ја смета иновацијата
- греење без грејач.
-
Во светов вакво нешто не постои. Во однос на другите иновации заштедата на ова грејно тело е 70 отсто. Електроинженери дојдоа да ја видат и беа воодушевени, но никако не можеа да разберат на кој принцип работи.
Во шупливи цевки има трокомпонентна течност која за јавноста е тајна. Потрошувачката за два часа е само еден киловат или 2,5 денари, а загрева површина од шест метри квадратни. Кога би имал пари би направил поголемо вакво грејно тело затоа што заштедата е огромна - вели охридскиот иноватор.
Иако се уште работи со сопствени средства издвоени од неговата скромна пензија, без помош од државата и фирмите, Рац најавува реализација на уште две нови иновации.
- Деветтата иновација сакам да биде турбо глава или турбо цилиндер во должина од 50 см. Овој турбо тунел ќе загрева со 80 степени топлина, а низ него ќе помине студена вода до радијатори, а до приватните куќи ќе стигне топла вода до 100 степени. Потрошувачката ќе биде еден киловат за 50 метри квадратни.
Рац, кој, по се изгледа, и овојпат материјалите за новите изуми ќе ги купи од својата скромна пензија од 6.000 денари, но и понаму се надева дека ќе продаде барем една негова иновација.