60% од македонските граѓани би донирале органи
Над 60 отсто од македонските граѓани по смртта би ги донирале своите органи на други луѓе. Ова го покажало истражувањето на агенцијата "ГФК-Скоп је", која го направила на барање на здружението на граѓани "Национал на фондација за трансплантација". Според истражувањето, во кое се анкетирани 1.000 семејства во Македонија, дури 22 отсто од испитаниците би потпишале согласност, по нивната смрт, нивните органи да бидат донирани, а 40 отсто одговориле дека, веројатно, би потпишале.
Весна Кузмановиќ, управител на "ГФК-Скопје", вели дека овие бројки по кажуваат оти над 60 отсто од луѓето би ги донирале своите органи и дека тоа е показател за високо ниво на хуманост кај македонските граѓани. Над 50 отсто се изјасниле дека би прифатиле дониран орган, ако им е неопходен, а 68 отсто дека не би барале награда за донираниот орган.
Доктор Владимир Чадиковски, претседател на Управниот одбор на Националната фондација за трансплантација, рече дека сите надлежни мора да преземат мерки да профункционира Законот за трансплантација, кој е донесен уште во 1995 година. Тој објасни дека кадаверична донација на органи по смртта на пациентот е многу ниска, а земјава сe уште нема регистар за доброволни дарители на органи.
"Во Хрватска оваа работа е регулирана така што секој оној што не сака да даруваоргани, кај својот матичен лекар потпишува изјава, која оди во регистарот, со кој раководи Министерството за здравство, и точно се знае од кого може да се земат органи, а од кого не", рече доктор Чадиковски.
Државниот секретар од Министерството за здравство Зоран Стојановски кажа дека во Министерството никој не работи на оваа проблематика, бидејќи допрва треба да формираат посебен сектор кој ќе се занимава со трансплантација и со донација на органи.
Мене овој процент ми е нереален знаејки го народов. Сите се јаки на збор, ама на дело ги нема...