Црно тиквешко им загорчи на кавадарчани
ВВ Тиквеш го откажува спонзорирањето на истоимениот ракометен клуб, играчите се три месеци без плата и со неизвесна иднина
По откажувањето на Прилеп од ракометната машка ВИП супер лига, и спасувањето на Борец во последен момент од распаѓање, нов проблем за РФМ е најавеното заминување на Винарската визба „Тиквеш“ како спонзор на истоимената екипа од Кавадарци. ВВ Тиквеш е третопласиран тим во домашното првенство. Управниот одбор на компанијата изгласал предлог за прекинување на спонзорството на ракометниот клуб, кој треба само да се верификува.
Клубот и спонзорот засега немаат коментар за новонастаната ситуација, ниту како ќе се заврши сезоната без проблеми. Една од опциите е клубот да му биде „вратен“ на градот, кој во иднина би требало да го управува, но тогаш сигурно би бил со многу поскромни амбиции.
Изненадувањето е поголемо од причина што Тиквеш има свој член и во УО на РФМ, и досега постојано ги поддржувал активностите на репрезентациите.
Сегашниот буџет на ВВ Тиквеш е 120.000 евра на годишно ниво. И покрај тоа, на патувањето во Полска во Купот Челинџ, се замина со автобус, и тоа со позајмени пари од претседателот на РФМ, Михајло Михајловски, кој не сакајќи федерацијата да се резили, им излезе во пресрет. Елиминацијата од еврокуповите, значи и олеснување, бидејќи во спротивно, ако не се одигра натпревар, казните од ЕХФ се за клубот и за федерацијата.
Играчите на ВВ Тиквеш од август годинава немаат добиено плата, иако, според резултатите, се веднаш зад двата најдобри тима Металург и Вардар про. На нивните натпревари тешко ја „продаваа кожата“, иако имаат многу помлади и понеискусни играчи. Лани тимот првпат избори место во еврокуповите, а целта за сезонава беше да се биде третопласиран.
Кавадарчани лани беа првиот тим што успеал да продаде играч, и да заработи, околу 30.000 евра од трансферот на Милан Левов во Металург.
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=0ED897017DFDD0429A85589BBF8E7537