Локацијава ти е идеално место за куќа за одмор. Имаш голем простор, така што нема да треба многу размислување за тоа каде да биде поставена куќата. Сепак мислам дека сега е време за информации од типот колкав е бројот на членови кои би боравеле таму, од какви дополнителни содржини имаш потреба (ако на пр. се занимаваш со некакво земјоделство) и сл. Исто така, треба да добиеме точна информација за падот на теренот и ориентацијата на локацијата (каде е север), како би можело да се дефинира возможноста за терасеста куќа, каква имаш план да изградиш (затоа што, колку јас можам да видам, конфигурацијата на теренот не задоволува терасеста градба, бидејќи нема доволен пад). По моја претпоставка, ти би ја лоцирал куќата на местото каде сега е летниковецот, па ме интересира дали внатре во него има доволна станбена висина (мин. 260 см). Понатаму претпоставувам дека твоја е локацијата што е затворена со камениот ѕид, па доколку биде поставен објектот на тоа место (кај летниковецот) мислам дека влегуваш во туѓа парцела.
Македонската традиција за индивидуални станбени објекти кои се градат на вакви слободни и отворени површини како оваа, преферира тие да бидат поставени самостојно, централно во парцелата (т.е. да не бидат на самата линија на градежната парцела). Така би добил многу поголема комоција и подобра ориентација (сите "четири" страни на објектот се слободни и со поглед). Размисли малку за предлогот да направиш поконвенционално решение, па ако повторно се одлучиш за терасаста градба, дај ми ги информацииве што ти ги побарав (најмногу тоа во врска со летниковецот).
Градењето во рурални, т.е. неурбанизирани средини, како што е оваа, имаат потреба и од дополнителни зафати, во зависност од тоа дали постои потребната инфраструктура или не (водовод и канализација - најзначајно!), и како се води доколку постои. Добредојдени ќе бидат и тие информации.