Медал за храброст постхумно доделен на 32 припадници на безбедносните сили
07 Мај 2013
По повод 20-годишнината од одбележувањето на 7 Мај-Денот на баталјонот на Воената полиција и Денот на полицијата и безбедноста, претседателот Иванов постхумно им додели медал за храброст на 32 припадници на безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи.
- Нивните животи беа насилно и прерано прекинати. Останаа многу големи желби неисполнети, многу важни мигови недочекани, многу години непреживеани. Остана голема болка што сите ние и денес ја чувствуваме. Но, исполнетоста и целосноста на еден човечки живот не се мери само во годините изминати на овој свет. Се мери и според делата што се направени, обврските што се исполнети, заветот што е оставен во наследство, рече Иванов.
- Никој од нас не може да направи вашата тага целосно да исчезне. Но, тука сме за да ви помогнеме, да ве утешиме и да ве увериме дека нивната жртва не беше напразна. Тие загинаа бранејќи го територијалниот интегритет на нашата единствена татковина – Република Македонија. Нивната пожртвуваност нè обврзува сите нас да го чуваме и почитуваме уставниот поредок на Република Македонија. Да ги чуваме вредностите за кои се изборија нашите предци. Да ги чуваме слободата, независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на нашата татковина – Република Македонија, рече Иванов.
Владо Стојановски, претседател на Здружението на загинатите бранители во конфликтот во 2001 година, рече на семејствата им останале солзите, тагата, болката и спомените за најмилите.
- Ова е и голема загуба за државата. Куршумот не избира туку убива. Раката која направила зло да се осуди, а не амнестира. Синови, татковци сопрузи беа жртви во војната во 2001 година за подобро утре за сите граѓани на Македонија. Како Здружение се грижиме за сите прашања и ги решаваме со дијалог со Владата и државните институции. Ќе доаѓаме секоја година на спомениците и ќе им оддаваме почит на загинатите, а со тоа да ги потсетиме живите за ужасите од тоа што го носи војната со апел било и никогаш да не се повтори, истакна Стојановски.