Глава 1
1 Соломоновата Песна над песните
2 Бакни ме со бакнеж на својата уста, твојата љубов е послатка од вино.
3 Мирис на најдобрите мириси, твоето име е разлеано масло, затоа те љубат девиците.
4 Повлечи ме по себе, да бегаме! Царот ме воведе во своите соби. Ќе се веселиме и ќе се радуваме заради тебе, ќе ја славиме твојата љубов повеќе од виното; достојно е да те љубат!
5 Ерусалимски ќерки, црна сум, но убава, како кедровите шатори, како Соломоновите завеси.
6 Не гледајте дека сум поцрнета, зашто сонцето ме опали. Синовите на мајка ми се разгневија на мене, ме поставија да ги чувам лозјата; а моето лозје, не го чував.
7 Кажи ми ти, кого го љуби мојата душа: каде пасеш? Каде одмараш на пладне? за да не скитам, барајќи те, околу стадата на твоите другари!
8 Ако не го знаеш тоа, о, најпрекрасна меѓу жените, излези и следи ги трагите на стадата, и паси ги твоите јариња околу пастирските шатори.
9 Те споредувам со коњите во фараоновите коли, моја возљубена.
10 Прекрасни се твоите образи меѓу ушниците; твојот врат со ѓерданите;
11 ќе направиме златни обетки, за тебе, со сребрени приврзоци.
12 Додека царот се одморува на своите постели, мојот нард мириса.
13 Мојот возљубен е како страк смирна, што почива меѓу моите гради.
14 Мојот возљубен е како кипров грозд од енгадските лозја.
15 О, ти си прекрасна, моја возљубена; колку си убава! имаш очи како гулабица.
16 О, ти си прекрасен, мој возљубен, и љубезен! Зеленилото е наша постела.
17 Кедрите се греди на нашите куќи, а кипарисите покрив.
Глава 2
1 Јас сум саронски цвет, лилјан во долина!
2 Што е лилјанот меѓу трњето, тоа е мојата возљубена меѓу девиците.
3 Што е јаболкницата сред горските дрва, тоа е мојот возљубен меѓу младите. Сакам да седам во нејзината сенка; а нејзините плодови му се слатки на моето грло.
4 Ме воведе во собите на виното и ме покри со знамето на љубовта.
5 Поткрепете ме со колачиња, освежете ме со јаболка, зашто јас сум изнемоштена од љубов.
6 Неговата лева рака ми е под главата, а со десната ме прегрнува.
7 Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, во полските срни и елени, не ја будете и не ја тревожете мојата љубов, додека самата не посака.
8 Гласот на мојот возљубен! ете го, доаѓа, прелетува преку гори, прескокнува брегови.
9 Мојот возљубен е како срна, тој е како еленче. Ете, тој стои зад нашиот ѕид; гледа низ прозорците, наѕира низ решетките.
10 Мојот возљубен почнува да ми зборува: „Стани, моја возљубена, убавице моја, и дојди!
11 зашто, ете, зимата веќе помина, дождот замина и прекрати.
12 Цвеќињата се покажуваат по земјата, дојде време за пеење; и грличиниот глас се слуша во нашиот крај.
13 Смоквата ги исфрли првите плодови, лозјето мириса во цветање. Стани, моја возљубена, убавице моја, и дојди!
14 Гулабице моја, во каменливи пештери, во стрмните и карпести засолништа! дај да ти го видам лицето и да ти го чујам гласот; зашто твојот глас е милозвучен, а твоето лице е прекрасно!”
15 Ловете ги лисиците, малите лисици, што ги оштетуваат лозјата, нашите лозја во цутењето.
16 Мојот возљубен ми припаѓа мене, а јас нему; тој пасе меѓу лилјаните.
17 Пред денот да издивне и пред да се спуштат сенките, врати се, возљубен мој: биди лесен како срна, како срниче на гората Бетер.
Глава 3
1 Во своето легло, во ноќите, го барав оној, кого го љуби мојата душа; го барав, но не го најдов.
2 И така, ќе станам и ќе го оптрчам градот, по улиците и раскрсниците, ќе го барам оној, кого го љуби мојата душа: го барав, но не го најдов.
3 Ме сретнаа стражарите, кои го обиколуваат градот: „Дали го видовте оној, кого го љуби мојата душа?”
4 Туку што тргнав од нив, го најдов оној, кого го љуби мојата душа. Го фатив и нема да го пуштам, додека не го воведам во домот на мојата мајка, во спалната на мојата родителка.
5 Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, во полските срни и елени, не ја будете и не ја тревожете мојата возљубена, додека самата не посака!
6 Што се дига тоа од пустината како столб од дим, од кадењето на смирната и темјанот и на сите милномирисни правови?
7 Ете, тоа е Соломоновата носилка, околу неа, шеесет стројни момчиња, од најсилните во Израел!
8 Сите се вешти со мечевите, обучени се за војна; секому мечот му е на бедрото, заради ноќните опасности.
9 Царот Соломон си направи престол за себе од ливанско дрво.
10 Ги направи неговите столпчиња од сребро, потпирачите за лакти од злато; седиштето од црвено сукно; си е украсено внатре, со љубовта на ерусалимските ќерки.
11 Излезете, сионски ќерки, и видете го царот Соломон со венецот, со кој го овенча неговата мајка, во денот на неговата свадба, во денот на радоста на неговото срце.
Глава 4
1 Колку си убава, моја возљубена, Колку си прекрасна! Имаш очи како гулабица, под твојот превез; косата ти е како стадо кози, што слегуваат од гората Галад.
2 Забите ти се како стадо на остригани овци, кога се враќаат од капење: одат две по две како близначки и ниедна не е осамена.
3 Твоите усни се како лента од црвено предено и твоите зборови се љубезни; твоите образи се како калинкини половинки, под твојот превез.
4 Вратот ти е како Давидова кула изградена за одбрана: илјада штитови висат во неа, си јуначки оклопи.
5 Твоите две гради, како две срничиња, близначиња, што пасат меѓу лилјаните.
6 Пред денот да издивне и пред да се опуштат сенките, ќе тргнам на смирнината гора и на темјановото бреже.
7 Целата си прекрасна, возљубена моја, и нема недостаток на тебе!
8 Дојди со мене од Ливан, невесто! Дојди со мене од Ливан! Слези од врвот на Аман, од лавските пештери, од горите на рисовите!
9 Срцето ми го плени, сестро моја, невесто; срцето ми го плени само со еден твој поглед, само со еден бисер од твојот ѓердан.
10 Колку е слатка твојата љубов, сестро моја, невесто! Твојата љубов е послатка од виното, а мирисот на твоите масла е попријатен од сите мириси.
11 Саќин мед капе од твоите усни, невесто, мед и млеко се под твојот јазик, а мирисот на твоите облеки е како ливански мирис.
12 Ти си затворена градина - сестро моја, невесто, затворена градина и запечатен кладенец.
13 Твоите подници се калинкина градина, полна со најодбрани плодови: калинка и шафран,
14 мирислива трска и цимет, со сите темјанови стракови, со смирна и алој, со најдобри мириси.
15 Кладенецот е во мојата градина, извор на жива вода што тече од Ливан.
16 Стани: северец! дувни: јужен ветре! Повеј над мојата градина, нека се разнесат нејзините мириси. Мојот возљубен нека дојде во својата градина, за да ги вкуси нејзините најслатки плодови.