Интервју на Акис Гаврилидис - доктор на науки во областа на филозофојата и политиката за Дојче Веле
Како и во многу други балкански конфликти и овој има силна поврзаност со нерешени историски прашања, во кои и двете страни тврдат дека ја имаат „историската вистина“ зад нив. Зошто е толку важно да се докаже „ексклузивното право на сопственост“ за името?
И тоа е долга приказна. Мислам дека во суштина тоа се сведува на изградбата на првата национална држава на Балканот, имено Грција, и фактот дека, за да се создаде, таа мораше да се конфронтира со евроцентризмот и идејата за Западот како супериорна цивилизација и модел кој треба да го следат сите други на планетава. Идејата за супериорноста во голем дел беше базирана врз тврдењата на западно-вропските нации дека тие се наследници на античка Грција, која беше сметана за најперфектното човечко општество кое дотогаш постоело. Револуционерите против Отоманската империја во 1821 година брзо сфатија дека, доколку успеат да инсталираат врска меѓу нив и античката цивилизација, тоа ќе биде огромен чекор кон нивно прифаќање меѓу „напредните светски нации“. Сепак, ова тврдење не беше прифатено од сите без приговор, затоа што првите ентузијасти од Западот набрзо се разочараа откако пристигнаа во Пелопонез и Атика за да им помогнат на наследниците на Перикле и Леонидас, но сретнаа балкански селани и господари на војната.
Затоа, конструкцијата на грчката нација вклучуваше и потреба од големо убедување (перформативност); сите се чувствуваа обврзани да се однесуваат на начин кој се сметаше за конформистички во однос на славното минато и убедувачки во очите на „цивилизираните Европејци“, од кои зависеше егзистенцијата на новата држава.
Ваквата претстава никогаш не е перфектна, и во голема мерка се јавува самокритика, па дури и само-потсмев. Во модерна Грција, многу е полесно да најдете луѓе кои се критични кон грчката држава, подготвени да признаат дека таа е неуспех, привидна држава, отколку луѓе кои ќе бидат критични кон идејата за хиерархијата на културите и историјата. Наместо да ја оспорат самата идеја, повеќето луѓе сакаат да ѝ останат верни на идејата за класификација, но паралелно да најдат други луѓе околу нив кои се подолу во оваа класификација, како што се Турците, Албанците, „непостојните Скопјани“ и.т.н., кои се полоши и позаостанати од нас.
Цело интервју:
http://www.dw.com/mk/гаврилидис-на-спорот-со-името-се-искажува-грчкиот-патриотизам/a-19131024