eve druze od spic
Браќата Лазарови во тандем во Барселона?
Дали шесткратниот европски ракометен шампион Барселона во третиот обид, конечно, ќе успее во своите редови да го добие најдобриот стрелец од СП, Кире Лазаров? Неофицијално, Каталонците имаат отворена понуда за најдобриот македонски ракометар и моментно прв стрелец во ЛШ, но и за неговиот помлад брат, десниот бек на Металург, Филип Лазаров, од следната сезона да настапуваат заедно во Барселона.
Лазаров лани го продолжи договорот со Загреб КО до 2011 година, но рецесијата на скапите договори што ја најавува управата на хрватскиот шампион и најавеното ангажирање на помлади домашни играчи, го отвори прашањето за можната предвремена преселба на македонскиот капитен. Според хрватските медиуми, кои се повикуваат на изјавите на главниот менаџер на тимот, Зоран Гобац, во рецесијата најмногу на удар ќе бидат двајцата најдоброплатени играчи во тимот, Ивано Балиќ и Кире Лазаров, кои имаат годишна плата од околу 200 илјади евра.
- Јас сум под договор со Загреб до 2011 година и официјално тука ќе бидам до истекот на договорот. Раскин на договорот може да има, но само доколку јас прифатам. Што значи, сега-засега останува како што е. Следната недела ќе имаме разговори со управата на Загреб и тогаш ќе се знае поконкретно за сите работи што сега се споменуваат како шпекулации - рече вчера Лазаров.
Најдобриот македонски ракометар повеќе пати има изјавено дека Барселона е негова неостварена желба, иако двапати досега ја одбиваше нивната понуда. Првата понуда од Барса ја чува и како спомен. Каталонците прв пат се обидоа да го придобијат Лазаров во почетокот на неговата интернационална кариера во 2000 година. Но, тогаш понудата од Барса за Лазаров беше потценувачка и тој од Пелистер премина во Загреб. Нова, многу побогата понуда Барселона му даде пред две години, но Лазаров и тогаш им кажа „не“ и по пет години минати во Веспрем повторно се врати во Загреб.