Резултатите ја покриваат беспарицата
На некои ракометари во Пелистер им должат и по четири плати, но никој не сака да замине
Пред почетокот на сезоната, целта на ракометарите на Пелистер беа да бидат на четврто место, но, по првите 14 кола не само што ја исполнија целта туку се на место погоре на табелата. Битолчани сега дури и жалат што немаат некој бод повеќе на контото, за што реално имаа шанса, иако беспарицата долго време го тресе клубот, но засега успешно се справува со проблемите.
- Она што ни беше целта заедно со управата пред почетокот на првенството да се пласираме до 4. место го надминавме, и успеавме и да ја вратиме публиката во салата, вели Стефче Стефановски, тренерот на тимот. - Мора да бидеме задоволни со постигнатите резултати со оглед на ситуацијата во која се наоѓа клубот. Можевме да бидеме едно место погоре што ќе беше максимумот на оваа екипа. Тоа не се оствари зошто кикснавме на гостувањето со Златен даб и ВВ Тиквеш, потоа одземениот бод и непрежалената победа против Вардар Про.
Деновиве се очекува средба меѓу Управата и стручниот штаб на која се очекува да се анализираат есенските резултат, а главна цел ќе биде паузата да се искористи за подобрување на финансиската состојба од која најмногу ќе зависи иднината на клубот.
- Мораме да се договориме што и како понатаму, зошто ова е веќе неиздржливо, а сигурно нема да ги заборавиме политичарите и стопанствениците за да ги потсетиме дека има повеќе можности кои треба да ги искористат за успешно да егзистира клубот и да постигнува поголеми резултати, зошто Пелистер не го заслужува сегашниот третман со се што има досега постигнато, е заеднички став на пелистерци, смета Ефто Божиновски, претседателот на клубот.
Тој вели дека финансиската криза е се' уште присутна во клубот, а најмногу ја чувствуваат ракометарите на кои им се должат по 4 плати и дека засега ниту еден од нив нема најавено за промена на средината. Екипата продолжува со работа до 25 декември.