ВО СУПЕР ДЕРБИТО, ФЕНИ ИНДУСТРИ МНОГУ ПОДОБАР ОД ФЕРШПЕД РАБОТНИЧКИ
Шампионски реванш, со камата!
Фени Индустри - Фершпед Работнички 74:53
(21-13; 16-19; 18-10; 19-11)
Сала "Јасмин" - Кавадарци. Гледачи: 1.800. Судии: Златевски-Крстевски-И.Митровски. Делегат: Макревски - сите од Скопје
Играч п 3п 2п 1п ск. ас. мин. Играч п 3п 2п 1п ск. ас. мин.
Ангелов - - - - - 0о:00 Тодоров - - - - - 00:00
ПРЕКОВИЌ 7 1/3 1/2 2/2 4 4 28:50 СТОЈАНОВСКИ 12 1/6 3/5 3/4 1 4 38:34
Соколов 1 0/1 0/2 1/2 6 2 20:59 ГРНЧАРОВ 2 0/2 1/1 0/0 2 0 21:38
Браун 10 0/0 3/6 4/5 5 5 20:35 Филиповиќ 1 0/1 0/3 1/4 4 1 19:15
КОЛ 23 4/6 2/6 7/8 4 3 34:04 СИМИЌ 5 1/6 1/1 0/0 5 0 20:20
ЧЕКОВСКИ 2 0/1 1/3 0/2 5 2 22:45 Караколев 4 0/1 0/2 4/4 2 1 16:02
Баснарков - - - - - 00:00 ТАСОВСКИ 11 1/6 2/5 4/6 4 0 34:31
Гоцевски 14 1/2 5/8 1/2 3 0 21:16 Марковски - - - - - - -
ЃУРОВ 8 1/1 2/3 1/2 4 0 24:11 ТРАЈКОВСКИ 16 2/7 5/8 0/0 4 2 33:35
Манев - - - - - - - Дилберовски - - - - - -
Михајловски - - - - - - Јанески - - - - -
САМАРЏИЕВ 9 2/5 0/2 3/3 1 2 27:20 Љуца 2 0/0 1/1 0/0 1 1 16:05
Вкупно: 74 9/19 14/32 19/26 32 18 200 Вкупно: 53 5/29 13/26 12/18 23 9 200
Актуелниот шампион Фени Индустри му се реваншираше на најтрофејниот македонски колектив Фершпед Работнички, и со победата, и тоа доста убедлива (74:53), ја презема челната позиција на табелата, која по 10 кола сега ја дели со охридски АМАК-СП.
Кошаркарите на Фени Индустри покажаа колку се моќни кога играат тимски, што на крајот резултираше и со убедлива победа, многу поголема од поразот во првото коло во "Градски парк".
Првата четвртина му припадна на домаќинот, благодарение пред с$ на 11 поени на Доналд Кол, кој со две тројки во серија на сите им стави до знаење дека шампионот оди на победа на овој натрпевар.
Благодарение на неколкуте грешки во вториот дел кошаркарите на Фершпед Работнички некако успеаја да се вратат, и на полувреме се замина со само 5 поени предност за домаќинот (37:32).
Во второто полувреме кавадаречката одбрана почна да делува речиси беспрекорно, а Марјан Ѓуров со својата игра им покажа на сите како треба да се игра во тој сегмент. Токму неговата игра во одбраната ги понесе домашните кошаркари, кои од минута во минута постојано го зголемуваа водството и со неколкуте тројки на Самарџиев и Кол успеаја во последните 10 минути да влезат со позитива од 13 поени (55:42).
Само што почна последната четвртина Фени Индустри направи серија од 6:0 и дојде до позитива од 19 поени (61:42) која рутински ја одржуваше до крајот на средбата.
Кошаркарите на Фершпед Работнички делуваа доста немоќни пред кавадаречката одбрана. Се обидуваа, т.е. мораа да фосираат шут од далечина, меѓутоа ниту Симиќ, ниту Трајковски па ни Тасовски и Стојановски едноставно не можеа да се изборат за чиста позиција за шут. Оттаму доаѓа и очајно слабиот, катастрофален процент на реализација од само 17 % во шутот за три поени. Според прикажаното, излегува дека токму играта во одбраната, особено во третиот период беше клучна за конечната победа, меѓутоа и нападот на кавадарчани беше разновиден, кој често и со атрактивни потези ја креваше публиката во "Јасмин" на нозе.
Буквално сите што добија шанса да заиграат го дадоа максимумот и изгинаа на теренот сакајќи да им докажат на сите дека и оваа сезона се способни да дојдат до шампионската титула.
Недолично однесување на "градските момчиња"
На натпреварот присуствуваа и 100-ина навивачи на гостинската екипа.
А токму тие од самиот влез на трибините почнаа да прават проблеми. Веднаш откако влегоа во салата се обидоа физички да се пресметаат со дел од публиката што седеше на таа трибина. Потоа почнаа да фрлаат и петарди, но, за среќа, не на теренот.
Најлошото нешто беа расистичките испади упатени на сметка на Доналд Кол. За среќа, кавадаречката полиција и обезбедувањето во салата не дозволија никакви посериозни инциденти од нивна страна и иако го имаа сето право да ги отстранат од салата, сепак, им овозможија да го догледаат натпреварот до крај.