ФЕНИ ИНДУСТРИ ВЕЧЕРВА (19:00 ЧАСОТ) ГО ПРЕЧЕКУВА НЕЗГОДНИОТ ТИМ НА РАДНИЧКИ 034
Победа за "крунисување" на сезоната
Кошаркарите на Фени Индустри вечерва ќе го одиграат последниот натпревар сезонава, а во салата "Јасмин" во рамките на Еврохолд БИБЛ лигата ќе гостува екипата на Раднички од Крагуевац.
Кавадарчани веќе се сретнаа со оваа екипа во рамките на првото коло кога забележаа убедлива победа на нивни терен. Во пресрет на овој натпревар во таборот на Фени Индустри владее оптимистичка атмосфера.
"Сакаме со победа да се простиме од нашите верни навивачи, но и да ја завршиме успешно ова натпреварувачка сезона. За нас ова ќе биде последен натпревар за оваа година, но и последен на домашен терен во БИБЛ лигата, па затоа очекувам салата 'Јасмин' да биде исполнета до последно место и публиката да биде наш шести играч на теренот", ни рече Емил Рајковиќ.
Иако кавадарчани играат на домашен терен, сепак, младиот стратег и неговите момци со голема претпазливост го пречекуваат Раднички, особено по триумфот над Свисслион Таково.
"Крагуевчани во претходното коло од БИБЛ лигата го победија Свисллион Таково на нивен терен, а во последното коло од српската лига го совладаа и Борац, кој е првопласиран. Овие резултати само укажуваат на тоа дека нивната форма е во подем, но и ние имаме наши 'сметки'. Како и секогаш одиме на победа со која ќе се пласираме во следниот круг од ова натпреварување со што ќе станеме една од ретките македонски екипи која се пласирала во вториот круг од едно европско кошаркарско натпреварување. Раднички има млада и амбициозна екипа која е типичен претставник на српската кошаркарска школа. Ние, пак, мора да докажеме дека заслужено ја освоивме шампионската тиутула минатата сезона и дека со право сме во врвот на нашата група од БИБЛ лигата. Со беспрекорна игра во одбраната и со дисцилинирана игра во нападот се надевам дека ќе дојдеме до победа која ќе ни донесе мирен зимски сон, но и психолошка предност пред противниците со кои допрва треба да играме. Затоа очекувам сите да го дадат максимумот бидејќи се свесни дека во продолжение на балканската лига нема да можат да сметат на домашниот терен и публиката т.е. на такво нешто ќе сметаат дури кога ќе стартува вториот круг, а дотогаш имаме уште многу работа. Победата на Раднички ќе дојде како круна на успешната сезона за кавадаречката и македонската кошарка воопшто", заврши младиот стратег, кој ни најави дека чека да заврши натпреварот по што веднаш ќе стартува и со зимските подготовки за следната година.