АЛЕКСАНДАР ДИМИТРОВСКИ ТЕШКО ГИ ПРЕЖИВУВА МОМЕНТИТЕ НА СЛАВЕЊЕ НА ФЕНИ ИНДУСТРИ
Ќе се вратам, ... и тоа на голема врата!
"Среќен сум што Фени Индустри го освои Купот на Македонија, но навистина ми е жал што не бев активен дел од овој успех. Мора да ме сфатат сите, дека јас губам најмногу, повеќе од кој било друг и дека не е с$ во парите. Почнувам со тренинзи и ветувам дека ќе се вратам"- вели репрезентативниот бек на новиот куп-освојувач.
Го нема одамна на нашите терени. Се знае и зошто. Тешката повреда, поточно кинењето на Ахиловата тетива на едно од двете гостувања на Фени Индустри во Стурмица го оддалечи Александар Димитровски од паркетот.
И тоа на подолго време. Затоа помалку и заборавивме како "изгледа" нашиот репрезентативен бек.
Барем до моментот кога популарниот "Мачка" заедно со своите соиграчи од Фени Индустри се искачи на свечената ложа во салата " Јасмин" за да го прими златниот медал наменет за победниците во Купот на Македонија.
Се чини дека заздравувањето од тешката повреда оди потешко од очекувањата?
"Кој не знае што е ова, подобро и да не помислува, а камоли да се соочи со една ваква повреда. Не му ја посакувам на ниту еден спортист"- вели Димитровски. "Само јас знам низ што с$ не морав да поминам овие неколку месеци наназад по оној кобен момент во Струмица кога ја заработив оваа повреда со која се борам цело време. Да, тешко оди оваа работа и бев подготвен дека мора да се соочам со подолга пауза. Правам с$ што ќе ми советуваат лекарите, но нема ништо од играње во оваа сезона.
Твоите клупски другари, сепак, успеаја да дојдат до првиот трофеј во сезоната?
"Среќен сум што Фени Индустри го освои Купот на Македонија, како не би бил, затоа што се чувствувам како дел од тимот. Но, навистина ми е криво што не бев активен дел од овој успех. Сепак, мора да ме сфатат сите дека јас губам најмногу, повеќе од кој било друг. И дека не е с$ во парите. Излегоа многу приказни во последно време на моја сметка. Можам само да кажам дека тие ме мотивираат уште повеќе. Да се вратам, да ги уверам сите скептици кои не веруваат во Александар Димитровски. Ќе им порачам само едно, Димитровски ќе се врати, и тоа на голема врата".
Прв чекор кон овие оптимистички најави на репрезентативниот бек е "појавувањето" во салата за кревање товар.
"Рано е за тренинг во сала, тоа е дефинитивно одлука на лекарите. Но не сакам да губам повеќе време. Се вклучувам во тренинг. Во прво време ќе работам во вежбалница. Мора да ги зајакнам и двете нозе, и онаа повредената, но и онаа која трпеше поради тоа. Не верувам дека ќе заиграм во оваа сезона. Се надевам дека Фени Индустри и без моја помош ќе ги обедини двете титули затоа што го заслужува тоа, во секој поглед. Времето е пред мене, ме чека макотрпна работа. Но подготвен сум да се судрам со новите предизвици. Ако ништо друго, да се подготвам добро за оние репрезентативни настапи во квалификациите. Доволно добро се знам себеси и знам дека ќе успеам во тоа" - посакува Димитровски.