Работнички чекори сигурно
Со втора победа вечерва (20 ч.) во Скопје, против аматерскиот состав на Јувенес Догана, македонскиот претставник ќе има максимален ефект сезонава на меѓународната сцена
Сигурна победа во реваншот против Јувенес Догана за максимален ефект во квалификациите за Лига Европа очекуваат сите во таборот на Работнички. Мечот што според квалитетот на двете екипи би требало да биде само формалност, ќе се игра денеска на арената „Филип Втори“ во Скопје (20 ч, пренос на „Канал 5“). Досега дебармаалци забележаа три победи во исто толку натпревари со гол-разлика 8-1. Реваншот со претставникот од Сан Марино го почнуваат со предност од еден гол, по триумфот во Сера Вале од 1-0.
Научена лекцијата од Сера Вале
- Можевме да победиме многу поубедливо, но малку ги потценивме. Промашивме петнаесетина зрели шанси, а потоа и среќата ни го сврте грбот. Мора да го надминеме македонскиот менталитет и да одиграме максимално концентрирано и одговорно. Инсистирам на професионален однос од играчите без разлика на противникот. Многу сме поквалитетни од екипата од Сан Марино, а тоа треба да го потврдиме на теренот - рече тренерот Горан Петрески.
Популарниот Чунга Лунга најави две измени за полесно да се разбие бункерот на аматерите од Сан Марино. Филип Петковски најдобриот стрелец во квалификациите со 3 погодоци ќе стартува, а на десната бочна позиција Богдановиќ ќе му го отстапи местото на Брдаревски за кој се чека сертификат или на Тодоровски.
Идејата на Петрески е продорите по бочните позиции и нафрлените топки да ги користат напаѓачите, особено Петковски и Маневски.
- Јувенес игра бункер и ќе се надева да изненади со некој контранапад. Во првиот меч постојано сите 10 нивни играчи беа пред својот гол. Се бранеа. Ќе ги нападнеме по бочните позиции за полесно да им ја разбиеме густата одбрана - вели Петрески.
Гостите се аматери, а ги предводи претседател свештеник. До пред 4 сезони Јувенес Догана беше редок и веројатно единствен пример во светот на екипа која настапуваше паралелно во две лиги. Играа и во пониските лиги во Италија и во конкуренција на најдобрите состави од Сан Марино. Јувенес Догана има куса историја по фузијата на двата клуба (Јувенес и Догана) во 2000 година. Актуелни освојувачи се на националниот куп на Сан Марино, а с` уште го чекаат првиот гол во еврокуповите. Засега имаат 5 порази со гол-разлика 0-11.
Риека не се откажа од Маневски
- Симпатичен клуб се и дејствуваат на чисто аматерска основа. Теренот им беше ред вештачка трева, ред природна. Олимпискиот комитет на Сан Марино им го дава игралиштето на користење, а фудбалерите се аматери. Добар впечаток остави италијанскиот голман Манзарели, а имаат неколку репрезентативци на Сан Марино. Реално е со 4 победи да го дочекаме предизвикот наречен Анортозис и да продолжиме да го градиме рејтингот што Работнички го има во Европа - вели спортскиот директор Игор Ангеловски.
Голови се очекуваат од капитенот Маневски, чиј трансфер во хрватскиот прволигаш Риека е неизвесен. Претседателот на составот од Кантрида беше во Сера Вале и сака да го ангажира првиот шутер во квалификациите (упати најмногу, 10 удари кон противничките голови), но финансиите се проблем. Засега Маневски останува во Работнички
- Игравме добро и во Сан Марино, но доста промашивме. Имаме позитива за мирен реванш. Ќе треба да бидеме трпеливи и да забележиме уште една сигурна победа - рече Маневски.
извор:Дневник