Нека му е со среќа на Тошиќ во новиот клуб. Не доби вистинска шанса кај нас, што значи дека скаутите на клубот потфрлија овој пат, ама за тоа во некој следен пост. Реално гледано, овој потег е до некаде оправдан со тоа што ако останеше Тошиќ кај нас немаше да добива често шанса и ќе му назадуваше кариерата, плус мислам дека 8 милиони фунти се сосема пристојна цена која ја добивме од ЦСКА. А и да не заборавиме дека Тошиќ е играч постар од 21 година и со неговата продажба се отвора место за само 1 ново засилување (освен ако не биде продаден и некој друг постар од 21 година), бидејќи со новите правила мора да се има играчки список од 25 играчи, слично како во Примера. И да сакаме да купиме повеќе од едно засилување ќе треба да продадеме некој, бидејќи ќе нема слободно место во ростерот од 25 играчи, така да сите што викате дека со парите ќе се купат повеќе од едно засилување, едноставно нема, бидејќи нема технички да биде изводливо.
Гледам повеќето од вас веќе го продадоа Видиќ во Реал. Играчот има уште најмалку 4-5 години да ги изигра во топ форма и јас искрено не би го продал ниту за Бензема кога би бил вклучен во зделката. Некои многу брзо заборавија што Видиќ има направено за овој клуб. Кога Видиќ е целосно здрав комотно може да се каже дека е еден од топ 4 одбрамбени играчи во светот. Јас Бензема го гледам во клубот само ако Бербатов би бил продаден и на никаков друг начин. Историјата вели дека Ферги не купил играч што претходно одбил да игра за него уште од времето на Ширер кога тој играше за Блекбурн, пред да ја одбие понудата од Јунајтед и да се пресели во Њукасл, иако може традицијата да биде прекината ако тој одлучи поинаку.
Факт е дека без секого се може и дека ќе се купи замена доколку навистина биде продаден. Кјелини, Кјаер или некој трет ќе биде донесен. Кјелини би бил добар, ама искрено не мислам дека ќе сака да дојде во Англија. Најреално би можел да дојде Кјаер, ама уште е млад и ќе му треба време да се адаптира и период да созрее. Состојбата со Рио е малку загрижувачка и баш затоа за оваа сезона ќе ни требаат искусни и играчи кои играле и знаат како се игра во ПЛ. Јас Видиќ не би го продал уште најмалку 2 години, дури по тој период би зел во обзир негово заминување. Единствено што може да го натера Видиќ да си оди би можела да биде госпоѓата Видиќ (родум од Приштина иначе), која не може да се навикне на животот во Манчестер, иако мислам дека ова е само обид на менаџерот на Вида да изнуди подобар договор и повисока плата за неговиот клиент.