ПО МИНАТОНЕДЕЛНАТА ЖДРЕПКА
Сега Јунајтед е прв фаворит за титулата во ЛШ
Актуелниот европски првак Манчестер Јунајтед сега е прв фаворит за титулата во Лигата на шампионите со што би бил првиот тим што ќе го одбрани трофејот во ова натпреварување од неговото формирање во 1992 година. Досега на тоа место беше Барселона, но по минатонеделната ждрепка за четвртфиналето, Јунајтед го презеде “приматот” имајќи предвид дека доби релативно најлесен пат до големото финале што се игра на Олимпискиот стадион во Рим.
Коефициентот на премиерлигашот сега изнесува 15/8, додека Барселона има 11/4, а Челзи и Ливерпул 13/2. Во четвртфиналето Јунајтед за противник го доби португалскиот првак Порто, а потоа ќе го очекува подобриот од дуелот Арсенал-Виљареал. Иако никој од овие противници не е наивен, сигурно овој дел од “костурот” е далеку полесен од вториот во кој се наоѓаат Барселона, Баерн, Челзи и Ливерпул. Во последната недела британските обложувалници добиле голем број влогови на конечен триумф на Манчестер Јунајтед што сопствениците ги натерало да ги намалат коефициентите.