Тенисерите го "бркаат" Амак СП?
За помалку од еден месец можно е единствениот охридски тим, Амак СП, да остане без својот дом. Поради Дејвис купот, кој е закажан од 8-10 феврувари, Игор Гацов и неговите момци ќе немаат каде да тренираат.
Проблем може и не се токму тие три дена, но ако се земе предвид дека замислата на организаторите на овој турнир е еден месец однапред да влезе во една од најдобрите сали во Македонија, "Билјанини извори", и да ја оспособат за сосема друг спорт, е во тој случај се јавува голем проблем и атак врз засега најдоброто нешто што охриѓани го имаат кога станува збор за спортот.
"Точно е дека некој без прашање си почнал да си гради планови. Јас само би им кажал со време да си најдат друга сала или место каде што ќе си го организираат Дејвис купот. Тој што од Скопје ги дава парите својата инвестиција нека си ја вложи на друго место бидејќи во 'Билјанини извори' нема да дозволиме да влезат, а ниту пак да се игра тој турнир. Би сакал да ги прашам која им е логиката? Турнирот трае само три дена, а за да се одиграат натпреварите ќе треба да се менува целата сала и паркетот да се замени со песок. Како прво, колку што сум информиран, оваа сала не е наменета за тенис" - младиот тренер на Амак СП, Игор Гацов, изреволтирано го искоментира засега постоечкиот обид во "Билјанини извори" да се игра тенис.
"Може некој ќе рече дека во прашање е меѓународен турнир. Но дали тие луѓе се запознаени дека Амак СП во јануари ќе организира исто така меѓународен турнир. Доколку сами не се откажат, ќе собереме петиција од сите граѓани на Охрид, а зад нас стои и градоначалникот Александар Петревски. Амак СП е единствен успешен претставник во спортот на овој град и единствен кој е најзаслужен што публиката се врати во салата. Уште еднаш ќе повторам нема да му дозволиме на никој така лесно да го урне она што го градиме веќе две години по ред, а уште помалку да си исполнува своите лични интереси" - заврши Гацов, кој заедно со првиот човек на клубот и градоначалникот нема да дозволат "Билјанини извори" место паркет да има песок.
УШТЕ ЕДЕН ПРОБЛЕМ ЗА АМАК СП
"Билјанини извори" во мрак
Екипата на Амак СП се соочува со уште еден голем проблем. Од четвртокот салата "Билјанини извори" е во мрак откако поради неисплатени долгови ЕВН ја исклучи електричната енергија. Како што дознавме, електричната енергија била пуштена само за средбата меѓу Амак СП и Фершпед Работнички, а потоа веднаш била исклучена.
Токму од овие причини не се одигра сребата од првата женска лига, а под знак прашалник се ставен и натпреварот меѓу Амак СП и К.Соколи.
ЈП Охридски комуналец "Билјанини извори" ја презема во 2005 година, но оттогаш наваму е во постојан конфликт со централната власт која тврди дека е сопственик на салата која со самопридонес ја градеа охриѓани. Статусот на салата има милионски долгови, но од времето кога е изградена. Недоразбирањата меѓу локалната и централната власт може сериозно да влијаат на организацијата за меѓународни натпреварувања.